Иако некои би помислиле дека новата верзија на USB стандардот ќе биде USB 5, тоа сепак не е случај. USB 4 v2 е всушност стандард кој има двојно поголем проток на податоци
Microsoft започна со тестирање на новиот стандард USB 4 v2 на Windows 11, кој ветува голема брзина на пренос на податоци. Како што известува Windows Central, поддршката за брзини на пренос до 80 Gbps е овозможена за одредени корисници во каналот за програмери во Windows 11 Build 23615.
Имено, станува збор за значајно ажурирање на стандард кој, меѓу другото, е целосно компатибилен со претходниот, што значи дека постарите приклучоци нема да престанат да работат при поврзување со компјутери, туку ќе функционираат како и обично.
„Задоволство ни е да објавиме поддршка за најновата генерација на USB стандарди во оваа верзија на Windows. Поддршката за USB 80 Gbps првично ќе пристигне на одредени уреди базирани на 14-та генерација на Core процесори од HX серијата на Intel, како што е Razer Blade 18“, велат од Microsoft.
Тие исто така посочуваат дека ова е прво големо ажурирање на USB 4 стандардот, кој ја зголемува брзината на пренос од 40 Gbps на 80 Gbps, како и овозможува користење на следната генерација на дисплеи со високи перформанси, складирање и поврзување.