Корисниците на Facebook и Instagram во ЕУ, Европската економска област и Швајцарија сега имаат избор: или ќе гледаат насочени реклами на социјалните мрежи или ќе плаќаат месечна претплата
Со цел да го усогласи своето работење со Законот за дигитални пазари, компанијата Meta одлучи да воведе неколку промени во работењето на нејзините социјални мрежи.
Корисниците на Facebook и Instagram во рамките на Европската Унија наскоро ќе имаат можност да изберат како да ги користат овие социјални мрежи и како да управуваат со приватните податоци на нив. Во компанијата Meta беше одлучено нејзиното работење да се усогласи со Европскиот акт за дигитални пазари, кој прецизно ги класифицира Facebook и Instagram меѓу супервизорите за пристап и пропишува строги нови правила за нив.
Од Meta рекоа дека во следните недели корисниците ќе се соочат со неколку клучни избори и секој ќе мора да се изрази за овие прашања, кои најмногу се поврзани со споделување на нивните податоци помеѓу различни платформи и услуги. Најпрво ќе биде доведена во прашање поврзаноста на корисничките профили на Facebook и Instagram.
Оние што веќе ги поврзале своите профили, ќе имаат избор: ќе можат да продолжат со овој начин на споделување податоци, што значи дека сите податоци од Facebook ќе бидат споделени со Instagram и обратно, а друга опција е одделување на профилите и управување одделно за да се спречи споделување податоци помеѓу социјалните мрежи.
Кога станува збор за Facebook, ќе можат да се одделат неговите услуги од главната социјална мрежа:
Корисниците на Messenger ќе можат да изберат дали сакаат да продолжат да имаат фејсбук-профил или да креираат само профил за Messenger.
Кога станува збор за Marketplace, корисниците и тука ќе имаат избор. Во иднина, овој сервис ќе користи приватни податоци од Facebook само за оние што ќе го дозволат тоа, додека маркетинг-искуството ќе биде одделено за другите. Тоа значи дека податоците од Facebook нема да се поврзуваат со реклами, но и дека купувачите и продавачите ќе мора да комуницираат преку е-пошта, а не преку Messenger.
Слично на Marketplace, ќе можат да се одделат профилите од услугата Facebook Gaming. Оние што ќе се одлучат да го одделат профилот, нема да ги имаат сите игри со повеќе играчи и купување додатоци, туку само игри за еден играч.
Сите овие промени се продолжение на оние што беа најавени на крајот од минатата година, кога на корисниците им беше понудена опција за плаќање месечна претплата, а за возврат беше понудено искуство за користење на социјалните мрежи без реклами.