Новата рачна конзола Nintendo Switch 2 најверојатно ќе излезе кон крајот на оваа година, но наместо OLED, наводно ќе има LCD екран од осум инчи.
Додека љубителите на рачните конзоли очекуваат продолжување на дизајнот на Nintendo во форма на помоќна Switch 2 конзола, некои од нив можеби ќе бидат „длабоко“ разочарани. Имено, претстојната конзола Nintendo Switch 2 најверојатно нема да добие надградба на OLED екран, туку наместо тоа ќе има LCD дисплеј со дијагонала од осум инчи, тврди јапонскиот аналитичар Хироши Хајасе во текст на Bloomberg.
Сепак, оваа рачна конзола на тој начин би можела да има големо влијание врз продажбата на LCD екрани, бидејќи испораките на овој тип на екрани би можеле да се удвојат, доколку се зголеми производството на Switch 2. Сепак, не е сè во екранот, па лансирањето на нова хардверска платформа со подобрена графика, поголем капацитет за складирање и други напредни функции ќе му помогне на Nintendo да ја зголеми својата привлечност и да го подобри квалитетот на игрите што може да ги креира.
Минатогодишното издание на играта The Legend of Zelda: Tears of the Kingdom беше фасцинантно технолошко искуство за компанијата, кое извлече максимални перформанси од веќе застарените платформи. Ова, пак, дополнително ја нагласува потребата од надградба на хардверот со цел да се зголеми квалитетот на игрите.
Актуелната Nintendo Switch конзола е на пазарот седум години и има продадено повеќе од 132 милиони примероци. Компанијата, и покрај гласините, нема официјално соопштение за својот наследник, но упатените тврдат дека Nintendo Switch 2 ќе го видиме веќе оваа година, а седум години дефинитивно изгледаат како многу погоден период за надградба, на пазар кој не е толку популарен како што се паметните телефони или стандардните конзоли.
Покрај гласините, има и официјални најави и за лансирање на рачни конзоли од други компании, што значи дека конкуренцијата е се поголема, и дека Nintendo сака да продолжи во насока на рачните гејмерски конзоли.