Netflix, YouTube и Spotify потврдија дека не планираат да им дозволат на своите корисници нативно користење на новиот уред на Apple, наведувајќи различни причини.
Првиот нов производ на Apple по речиси една деценија, просторниот компјутер Vision Pro, наводно се продал во повеќе од 100.000 примероци за време на процесот на преднарачки. Сетовите до првите корисници ќе пристигнат на 2 февруари, а потоа ги очекуваме првите кориснички импресии од производот, кои само неколкумина имаа можност да го испробаат пред официјалниот старт на продажбата.
Apple при лансирањето најави дека уште на стартот, на корисниците ќе им биде достапен целиот опсег на содржини од сервисот Apple TV, меѓу кои и 150 наслови во 3D технологија. Поддршката ќе биде достапна и за гледање на се што нудат бројните стриминг сервиси и социјални мрежи. Меѓу другите, наведени се Disney+, ESPN, NBA, MLB, PGA Tour, Max, Discovery+, Amazon Prime Video, Paramount+, Peacock, Red Bull TV, IMAX, TikTok и MUBI – но од оваа листа е јасно дека недостасуваат најпопуларните видео и аудио стриминг услуги во светот.
Првиот што на многумина ќе им недостига е сигурно Netflix, најголемата платформа за стриминг во светот. Директорот Грег Питерс минатата недела потврди дека сè уште не размислуваат да развијат нативна апликација за Vision Pro. Причината? Уредот е од минорно значење и не е премногу релевантен за базата на корисници на Netflix. Засега не ја сметаат за оправдана инвестицијата во развој на дополнителна апликација, но тоа може да се промени во иднина. Питерс вели дека останува да се види каква е иднината за Vision Pro, па можеби ќе биде најдено решение со Apple. Дотогаш, секој што ќе го купи Vision Pro ќе има пристап до Netflix само преку вградениот интерфејс на веб-прелистувачот Safari.
Сличен потег најави и видео сервисот на Google, YouTube. Тие исто така,не планираат да развијат посебна апликација за visionOS, ниту пак ќе им дозволат на корисниците да ја инсталираат својата апликација за iPad. Исто како и Netflix, YouTube ќе може да се гледа на Vision Pro преку Safari.
На тоа се надоврза и поракат од Spotify. Тие веќе се во „војна“ со Apple поради преголемите провизии што им ги наплаќаат за претплатите купени преку App Store, па не е изненадување што не помислуваат да ја прилагодат својата услуга на уште една од нивните платформи.