Напорите на Google кои се однесуваат на генеративната вештачка интелигенција (AI) продолжуваат, а сега се насочени кон апликацијата Google Maps.
Maps сега е „зачинет“ со технологијата за вештачка интелигенција, но новите функции моментно се достапни само за „избраните локални водичи“ (Local Guides) во САД.
„Среќниците“ сега можат да користат генеративна вештачка интелигенција во апликацијата Maps за да им помогнат да откриваат нови места според нивните специфични потреби. Доволно е да се каже што бара корисникот на многу обичен начин, а големите јазични модели на Google ќе ја анализираат базата на Maps и ќе понудат одговор.
Од Google велат дека „увидите и вредните повратни информации“ на локалните водичи помагаат да се обликува функцијата пред да биде пошироко пуштена кај корисниците, така што засега треба да се смета за затворена бета верзија.
Google покажа и пример за користење на новата функција, каде што е изговорено „места со старинска атмосфера во Сан Франциско“, проследено со многу информации за блиските бизниси и места заедно со фотографии, оценки и рецензии од заедницата на Maps.
Резултатите се организирани во категории и доаѓаат со фотографии и резимеа на прегледи кои нагласуваат зошто одредено место може да биде од интерес врз основа на претходното барање. Кога корисникот ќе праша нешто, може да го продолжи разговорот со дополнително прашање без да повторува ништо. Може да се постави и прашање за ручекот, по што ќе бидат понудени места кои одговараат на споменатата атмосфера.