Познато е дека животните гледаат различно од луѓето, но тешко е визуелно да се замислат и претстават тие разлики. Група научници од Обединетото Кралство и САД создале камера која може да прави фотографии и видеа со боите како што би ги гледале животните.
– Секое животно поседува уникатен сет на фоторецептори, со чувствителност што се движи од ултравиолетово до инфрацрвено, приспособена на нивните еколошки потреби – пишуваат научниците.
Некои животни се способни дури и да детектираат поларизирана светлина. Резултатот е дека секое животно уникатно ја перципира бојата. Меѓутоа, нашите очи и обичните камери не можат да ги забележат тие варијации во светлината.
– Системот работи со поделба на светлината помеѓу две камери, каде што едната камера е чувствителна на ултравиолетова светлина, додека другата е чувствителна на видлива светлина. Ова одвојување на ултравиолетовата од видливата светлина се постигнува со парче оптичко стакло, наречено разделувач на зрак. Оваа оптичка компонента ја рефлектира УВ-светлината како огледало, но дозволува видливата светлина да помине исто како низ проѕирно стакло – објаснуваат научниците.
Потоа, софтверот ги трансформира податоците во „перцептивни единици“ што одговараат на чувствителноста на фоторецепторот на животното.
Оваа нова алатка е револуционерна за истражувачите научници, но исто така ќе биде одлична алатка за создавање подобри документарни филмови за природата.