Минатиот викенд рускиот космонаут Олег Кононенко постави нов рекорд за престој во вселената, откако ја премина „границата“ од 878 дена, 11 часа и 30 минути, но тој сè уште е на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Кононенко на тој начин го собори рекордот на својот колега и сонародник Генадиј Падалка, пренесува ТАСС. Тој отпатува на МВС во септември минатата година и планира да остане цела година доколку сè оди според планот, па само ќе го „подобри“ својот рекорд.
Се очекува Кононенко да запише 1.000 дена во вселената на 5 јуни 2024 година во 00:00:20 часот по московско време. По завршувањето на едногодишната експедиција на 23 септември 2024 година, неговото вкупно време во вселената ќе биде 1.110 дена, соопшти Роскосмос.
Советските и руските космонаути доминираат кога станува збор за времетраењето на вселенските летови, бидејќи ги заземаат првите 8 места на листата. Астронаутот на американската вселенска агенција НАСА, Пеги Витсон, има најдолг „стаж“ од сите нејзини колеги и колешки во вселената, а тоа е 675 дена. Токму таа е на деветтото место на листата.
👨🚀 Russian cosmonaut Oleg Kononenko set a world record for total time spent in space, surpassing his compatriot Gennady Padalka who logged more than 878 days in orbit, Russia's space corporation said https://t.co/udmC4PAiYR pic.twitter.com/FtuYBaj5RG
— Reuters (@Reuters) February 5, 2024
Космонаутот Валери Полјаков го држи рекордот за времетраење на еден престој во вселената, бидејќи поминал 438 последователни дена на руската вселенска станица Мир, од јануари 1994 до март 1995 година. Најдобро рангиран Американец на таа листа е Френк Рубио, кој неодамна помина 371 на МВС. Руското вселенско летало Сојуз што го користеше за да пристигне на МВС почна да истекува течност за ладење, поради што мораше да се замени.
Кононенко е на својата петта мисија и моментално служи како летечки инженер за Expedition 70, но ќе ја преземе контролата врз станицата овој месец кога сегашниот командант Андреас Могенсон ќе се врати на Земјата со остатокот од екипажот на мисијата Crew-7 на SpaceX.
Четиричлениот екипаж на Crew-7 ќе биде заменет со четворица астронаути на мисијата Crew-8, кои ќе заминат за МВС на 22 февруари.