Предизвиците во снабдувањето и високите трошоци го ограничуваат доаѓањето на Apple Watch Ultra со MicroLED екран, бидејќи технологијата е четири пати поскапа од OLED
Проектот на Apple за лансирање на паметен часовник со MicroLED дисплеј најверојатно ќе треба да почека уште некое време, бидејќи се соочува со проблеми со синџирот на снабдување и цените на оваа технологија. Така, компанијата наводно ќе го одложи лансирањето на Apple Watch Ultra во MicroLED верзијата, чие првично претставување според некои гласини беше планирано за 2025 или 2026 година.
Минатата година, Apple го лансираше новиот Watch Ultra 2 заедно со iPhone 15 линијата и понуди голем број нови функции за watchOS заедно со нов кориснички интерфејс. Во споредба со оригиналниот модел, овој уред има неколку подобрувања, вклучувајќи надграден процесор и посветлен екран. Уште понапредна верзија на овој часовник би требало да биде со MicroLED екрамн, но како што стојат работите, за тоа ќе треба да почекаме уште малку.
Минатата година TrendForce објави дека Apple ќе го лансира Apple Watch Ultra со нова технологија на дисплеј што е далеку супериорна во однос на OLED технологијата. Се шпекулираше и дека MicroLed ќе пристигне на Watch Ultra во 2026 година, но тоа речиси сигурно ќе биде одложено, со оглед на тоа што MicroLed технологијата е дури четири пати поскапа од OLED технологијата. Новите медиуми и инсајдерски извештаи наведуваат и дека компанијата постепено ќе ја воведува оваа технологија и на iPhone и iPad уредите. Сепак, како што стојат сега работите, ќе поминат неколку години пред MicroLed дисплеите да се најдат на iPhone.
Apple работи на MicroLED дисплеј речиси една деценија и таа делува како логична замена за OLED екраните во наредните години, истакнува Wccftech. Во моментов, паметниот Apple Watch Ultra има 1,93-инчен OLED екран и е посветол од повеќето паметни часовници. Неговата надградена верзија со MicroLED екран наводно ќе има поголем дисплеј од 2,12 инчи.
Проблемите со синџирот на снабдување, сепак, секогаш се вртат околу цената на технологијата. Во овој случај тоа е производството на MicroLED дисплеј за паметниот часовник на Apple. Цената за овој тип на екран со дијагонала од 2,12 инчи е 150 американски долари, во споредба со OLED панелот кој чини само 38 американски долари. За Apple тоа е четири пати поголема од цената и нема смисла да се стави толку скапа технологија во уред кој веќе чини 799 долари. Тој трошок сигурно ќе влијае на приходите на компанијата од Apple Watch, бидејќи побарувачката за часовниците најверојатно ќе се намали.
Стратегијата на компанијата за воведување MicroLED технологија во уредите за носење покажува дека Apple всушност чека да падне цената на новите дисплеј технологии пред да ги вгради во своите уреди. Без оглед на тоа, цената сепак ќе биде повисока од цената на OLED панелите за Apple Watch уредите.