Moto Watch 40 го проширува портфолиото на носечки уреди на Motorola, а новиот часовник изгледа како покомпактна верзија на моделот Moto Watch 70 од мај минатата година
Новиот паметен часовник на компанијата Motorola е Moto Watch 40, кој доаѓа во целосно црна или комбинација на црна со златна боја. Се чини дека новиот часовник е малку покомпактна верзија на минатогодишниот модел Moto Watch 70, кој беше лансиран во мај заедно со Moto Watch 200 моделот.
Иако потсетува на тоа, Moto Watch 40 носи заоблен LCD екран долг 1,57 инчи со над 85 опции за лице на часовникот. Новиот модел има куќиште од цинк со заменлива силиконска нараквица со IP67 сертификат за водоотпорност.
Софтверската страна е покриена со Moto Watch OS, а часовникот поддржува известувања на екранот, иако не нуди опција за одговарање на пораки или остварување повици на уредот.
Како и сè повеќе носечки уреди, овој часовник има и функции кои го следат здравјето на корисникот. Moto Watch 40 има можност за следење на отчукувањата на срцето и нивото на кислород во крвта во текот на 24 часа, како и функции за следење на спиењето и мерење на нивото на стрес, а секоја од овие функции може да се интегрира со платформата GoogleFit.
Moto Watch 40 има батерија од 240 mAh за која компанијата тврди дека може да издржи до 10 дена со едно полнење. Покрај тоа, батеријата поддржува брзо полнење што може да го полни часовникот за само 25 минути со вклучениот магнетен полнач.
На официјалната веб-страница на компанијата, новиот часовник чини 65 долари, а неговата достапност во различни земји во светот најверојатно ќе биде прецизирана во наредниот период.