Иако Samsung и Apple веќе подолго време доминираат на пазарот на смартфони, најпродаваниот мобилен телефон на сите времиња датира уште од пред нивната ера. Се работи за Nokia 1100, кој има испорачано преку 250 милиони примероци од неговото претставување во 2003 година.
Станува збор за компактен и издржлив мобилен телефон без оперативен систем дизајниран за пазарите во развој како Русија, Индија и Кина. Иако не е толку издржлив како Nokia 3310, сепак се одликува со отпорност на прашина.
Од компанијата велат дека целта е да се обезбеди сигурна функционалност за луѓето кои никогаш претходно не користеле мобилен телефон. Се разбира, моделот не вклучува импресивни параметри. Меѓу неговите функции се монохроматски екран, гласовни и текстуални пораки, снимање до 50 контакти, претходно инсталирани мелодии, заменлива батерија, светилка итн.
Nokia 1100 беше популарен и по тоа што можеше да биде хакиран и да испраќа текстуални пораки од кој било број, што го прави погоден и за измами.
На второ место според продажбата е Nokia 1110, кој има нешто помалку од 250 милиони испораки. Наспроти ова, најпродавани паметни телефони се iPhone 6 и 6 Plus со вкупно над 220 милиони испорачани примероци.