Xiaomi Watch 2 пристигнува на пазарот како поевтина верзија на Watch 2 Pro, но и покрај ова, ги има речиси сите важни карактеристики на Pro верзијата
Неколку онлајн продавници во Европа почнаа да го продаваат Xiaomi Watch 2, иако кинеската компанија се уште официјално го нема лансирано. Како што сугерира името, се работи за поевтина верзија на Watch 2 Pro што Xiaomi ја претстави на крајот на септември како директен конкурент на Galaxy Watch 6 на Samsung и GT 4 на Huawei.
Неколку белгиски продавници бараат 200 евра за Watch 2, додека цената на часовникот во Словачка е нешто повисока, односно 250 евра. За споредба, почетната цена на Watch 2 Pro изнесува 270 евра за моделот со Bluetooth и 330 евра за LTE верзијата.
Благодарение на некои трговци можеме да ги дознаеме сите спецификации на претстојниот Xiaomi Watch 2. Имено, часовникот има 1,43-инчен AMOLED екран со резолуција од 466 x 466, иста како кај Watch 2 Pro, но неговото 46-милиметарско куќиште е направено од алуминиум, а не од нерѓосувачки челик и доаѓа во црна и сребрена боја.
Покрај тоа, Watch 2 има и сензор за мерење на пуслот и SpO2, вграден GPS и рејтинг на водоотпорност од 5 ATM. Како и Pro верзијата, го покренува Snapdragon W5+ Gen 1 на Qualcomm, а софтверската страна е покриена со Wear OS. Инаку, Xiaomi тврди дека за двата часовника батеријата трае 65 часа, така што претпоставуваме дека капацитетот на батеријата на Watch 2 е ист како кај Watch 2 Pro – 495 mAh.
Иако изгледа дека Watch 2 дели многу со својот поскап и постар брат, можеби најголемата разлика е што нема да има LTE верзија. Сепак, секако постои можност за поврзување преку Bluetooth 5.2, Wi-Fi и достапност на NFC.