Иако првично слушнавме дека претстојната рачна конзола Nintendo Switch 2 ќе се појави на пазарот кон крајот на 2024 година, новите гласини велат дека сепак тоа ќе се случи следната година.
Првично компанијата Nintendo планираше да ја лансира својата претстојна рачна конзола на крајот на оваа година, но најновите гласини го доведуваат во прашање овој временски период. Според информациите што доаѓаат од различни извори, како што се VGC и Eurogamer, следната генерација на конзолата Nintendo Switch 2 сепак може да биде објавена во првиот квартал од 2025 година.
Под услов овие информации да се точни, тоа би се совпаднало со објавувањето на оригиналната конзола Switch која беше објавена во октомври 2016 година и излезе во продажба во март 2017 година.
Некои извори наведуваат и дека Nintendo ги информирал издавачите на игри за промената на датумот на лансирање на конзолата Switch 2. Дополнително, според нивните тврдења, тие работат на нови игри кои би требало да бидат на Switch 2, со планирани изданија во 2025 година. Меѓу овие игри, клучната улога треба да ја има Metroid Prime 4, кој сè уште е во распоредот за издавање на Nintendo, но без одреден датум за издавање.
На почетокот на овој месец, Nintendo малку ги зголеми прогнозите за продажба на конзолата Switch за фискалната 2024 година од 15 на 15,5 милиони примероци, во споредба со 18 и 23 милиони во 2022 и 2021 година, соодветно. Акциите на јапонската компанија Nintendo паднаа денеска, делумно поради гласините за одложено лансирање, објави Ројтерс.
Што се однесува до самиот уред, засега не се познати многу информации, вклучувајќи го и официјалното име на уредот. Гласините, сепак, сугерираат компатибилност со првата Switch конзола, можности за 4K и визуелен квалитет сличен на оној на PS5 и Xbox Series X.
Без оглед на се, оваа година дефинитивно ќе биде возбудлива и зафатена за компанијата, доколку конзолата навистина биде лансирана во првиот квартал од 2025 година. Нејзината презентација најверојатно ќе биде на Nintendo Direct што треба да се одржи подоцна оваа година.