Компанијата од Калифорнија, наводно, развива свој паметен прстен со функции за следење на здравјето како конкуренција на најавениот Samsung Galaxy Ring
Додека внимателно го следи пазарот, Apple постепено истражува дополнителни механизми за мерење на здравствените навики на своите корисници и наводно развива нови уреди кои би можеле да го овозможат тоа, покрај веќе постоечките паметни часовници. Еден од новите уреди е наводниот паметен прстен на Apple, нов уред за носење кој Samsung веќе го најави како Galaxy Ring.
Иако и двата производи се претпоставува дека се дизајнирани за функции поврзани за следење на здравјето, сè уште не е познато што ќе направи Apple за да се разликува од конкуренцијата.
Калифорниската компанија длабоко се нурна во категоријата здравје со лансирањето на Apple Watch во 2015 година. Овој уред за носење вклучува широк опсег на сензори кои мерат различни здравствени податоци и постојано ги следат за да понудат низа мерки на претпазливост. Иако Apple постигна голем напредок во овој поглед, неодамна се појавија вести дека компанијата украла и имплементирала патент на одредени здравствени сензори од технолошко-медицинската компанија Masimo на своите часовници. Како резултат на тоа, новите модели на Apple Watch часовници беа забранети за продажба во САД на крајот на минатата и на почетокот на оваа година.
Се надеваме дека тоа нема да биде случај со прстенот на Apple, а компанијата наводно долго време работи на развој на таков уред, пишува Electronic Times. Заедно со развојот, Apple ги анализира и потенцијалните реакции на клиентите на ваков уред, а со оглед на тоа дека Samsung наскоро треба да претстави свој паметен прстен, ова отвора идеална можност американската компанија да го почувствува пулсот на пазарот и да одлучи дали продолжи со потфатот.
Прстенот на Apple, доколку некогаш се најде на пазарот, би требало да биде значително поевтин од паметните часовници на оваа компанија, бидејќи главно ќе биде посветен на специфични здравствени функции.
Samsung и Apple секако не се единствените на ова поле, бидејќи компанијата Oura моментално владее на пазарот со својот Oura Ring, кој беше лансиран уште во 2015 година. Нејзиниот прстен ја достигна третата генерација, а најновиот модел може да ја мери температурата на телото и да го пресмета менструалниот циклус. Дополнително, Oura Ring наводно трае една недела со едно полнење на батеријата, а Apple веројатно би можел да понуди слична технологија.