Леталото со официјално име Nova-C претходно, по 7-минутно маневрирање во орбитата, влезе во кружната орбита на Месечината на висина од 92 километра над нејзината површина.
Компанија со седиште во Хјустон во четврток ќе се обиде да го приземји првото американско вселенско летало на Месечината по 50 години, како дел од напорите на NASA да го отвори патот за комерцијалните вселенски летала да ги вратат астронаутите на сателитот на Земјата до крајот на деценијата.
Ако сè оди според планот, компанијата Intuitive Machines полека ќе го приземји својот шестоаголен робот „Одисеј“ во близина на јужниот пол на Месечината, во 23:30 часот по македонско време.
Контролорите на летот треба да го потврдат слетувањето околу 15 секунди откако ќе се случи, а настанот ќе се пренесува во живо на веб-страницата на компанијата. Пред слетувањето, Одисеј ќе пушти надворешна камера која ќе ги „фати“ последните секунди од неговото спуштање.
Обидот на друга американска компанија да го стори тоа минатиот месец заврши со неуспех, што им отежна на приватните компании да докажат дека можат да го повторат она што НАСА го направи со својата последна мисија на Месечината, Аполо 17, во 1972 година.
Odysseus, @Int_Machines’ uncrewed Moon lander, is targeted to touch down at the lunar South Pole at 5:30pm ET (2230 UTC) Feb. 22. Watch live with us as this Moon delivery brings science instruments to study the region. https://t.co/7U0WfJG56b pic.twitter.com/9JXBdD4y6K
— NASA (@NASA) February 22, 2024
Скот Пејс, директор на Институтот за вселенска политика на Универзитетот Џорџ Вашингтон, изјави за агенцијата Франс прес дека САД повторно ги зајакнуваат своите способности за истражување на Месечината по половина век пауза.
„Луѓето често прашуваат – ако го правевме тоа во минатото, зошто не можеме да го направиме сега? “, рече Пејс, поранешен член на Националниот совет за вселена.
„Секоја генерација треба да го научи одново“, додаде тој. „Имате предност, ја разбирате технологијата, проблемите и многу повеќе. Но, сето тоа е во книгите. Тоа не е искуство со летање што го имате во малиот прст“.