Во последниот квартал од 2023 година, Apple се најде на врвот на листата на најпродавани производители на паметни телефони во Европа, најмногу поради големата побарувачка за актуелните Pro модели
Според најновите податоци објавени од аналитичката компанија Canalys, во последниот квартал на 2023 година, Apple се најде на врвот на листата на најпродавани производители на паметни телефони во Европа. Успехот на американскиот гигант беше поттикнат од големата побарувачка на iPhone 15 Pro и Pro Max моделите за време на празничниот период, иако Samsung го задржа водството за цела 2023 година.
Имено, на вкупниот пазар е забележана испорака на 129,8 милиони уреди во текот на календарската година, што е за 8 отсто помалку во однос на 140,8 милиони примероци во 2022 година. Сепак, Canalys предвидува дека Европа следната година ќе забележи едноцифрен раст, поттикнат од претстојниот циклус на обновување на уредите купени за време на пандемијата.
Смартфоните од високата класа зазедоа рекорден удел од вкупниот европски пазар во четвртиот квартал на минатата година. Според Рунар Бјорховде, аналитичар во Canalys, речиси 40 отсто од сите пратки биле за мобилни телефони кои чинат повеќе од 800 долари. Три четвртини од овие уреди биле iPhone, додека Samsung презеде само 16 отсто од уделот.
Понатаму, Apple задржа речиси непроменета количина на испораки во текот на четвртиот квартал на 2023 година, додека Samsung и Xiaomi забележаа големи падови, што на крајот и овозможи на американската компанија да се искачи на врвот.
Меѓу првите пет се најдоа и Xiaomi, Motorola и Honor, а Canalys предвидува дека во блиска иднина треба да очекуваме зголемување на уделот на помалите брендови. Тука спаѓа и Oppo, кој го реши својот спор околу 5G патенти со Nokia, дозволувајќи му на кинескиот производител повторно да ги претстави своите уреди на големите европски пазари.
Од Canalys превидуваат дека производителите ќе го зголемат својот фокус на корисничкото искуство со вештачка интелигенција, нагласувајќи ја персонализацијата, интеракцијата на екосистемот, продуктивноста и забавата. Сепак, Canalys верува дека инвестирањето во вештачка интелигенција треба да биде придружено со едукација на потрошувачите за максимизирање на моќта на функциите за вештачка интелигенција на мобилните телефони, инаку производителите можеби нема да видат силен поврат на нивната почетна инвестиција.