FIRST® LEGO® League е натпревар за едукативна роботика кој ги инспирира младите умови од целиот свет, поттикнувајќи ги кон креирање на иновации од областа на роботиката и инженерството, а со употреба на технологијата
По шести пат на територијата на Македонија, на 24-ри февруари 2024 година ќе се одржи натпреварот за едукативна роботика, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 10 години преку FIRST LEGO League Explore (FLLE) и од 9 до 16 години преку FIRST LEGO League Challenge (FLL) за кој регионален партнер е Здружението за едукација и иновативно учење „Академија за роботика и иновации“ од Скопје заедно со коорганизаторите Електротехнички Факултет и Машински Факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Натпреварот ќе се оддржи во спортската сала „Јордан Мијалков” во Штип со почеток во 09.00 часот, а учество ќе земат 19 тимови од Скопје, Кочани, Штип и Тетово. На настанот ќе присуствуваат над 180 учесници, нивни ментори и родители, а говор ќе оддржат претставници на „Академија за роботика иновации“, Универзитетот „Гоце Делчев”, како и општината на град Штип.
FIRST® LEGO® League е натпревар за едукативна роботика кој ги инспирира младите умови од целиот свет, поттикнувајќи ги кон креирање на иновации од областа на роботиката и инженерството, а со употреба на технологијата.
Мисијата на FIRST® е да ги мотивира младите луѓе да бидат лидери и иноватори во науката и технологијата, вклучувајќи ги во возбудливи програми со помош на кои ги развиваат своите вештини од областа на STEM кои понатаму инспирираат иновации и поттикнуваат развој на неопходните способности за животот на 21 век како самодоверба, комуникација и лидерство, како и соработка и инклузивност.
Оваа година (2023 – 2024), темата на FIRST® LEGO® League, натпреварот за едукативна роботика е креативно спојување на уметноста и технологијата во процесот на создавање на Ремек дело (MASTERPIECE challenge), преку изнаоѓање на уникатни решенија за предизвиците во реалниот живот и подобра комуникација низ целиот свет.
Нашата цел е да ги поттикнеме младите учесници на возраст од 9 до 16 години и од нашата држава, да дизајнираат и програмираат роботи, а притоа да ги усовршат и вештините за решавање на проблеми, креативно и критички да размислуваат и да ја промовираат тимската работа.
Тимовите се натпреваруваат во игра со роботи кои сами ќе ги создадат. Истовремено, тимовите работат и на истражувачки проекти кои се фокусираат на прашања од реалниот свет, поврзани со културата и уметноста, креирајќи решенија за општествени проблеми. Дополнително, тимовите треба да дизајнираат, изградат и испрограмираат робот со користење на LEGO MINDSTORMS или LEGO SPIKE PRIME технологијата и да се натпреваруваат со другите тимови од нашата земја. Тимот кој ќе обезбеди најдобри резултати во сите категории ќе има можност да ја претставува Македонија на светското првенство кое оваа година ќе се оддржи во Масачусетс- Америка, од 7 до 09 јуни, 2024 година.
Со Masterpiece, FIRST® LEGO® League им овозможува на младите иноватори од сите страни на светот да се здружат, да ја прифатат убавината на уметноста, технологијата и тимската работа и да се посветат кон креирање на посветла иднина.
FIRST LEGO лигата како меѓународна мултидисциплинарна истражувачка програма застапена во над 100 земји со над 600.000 деца и млади од целиот свет кои работат заедно со нивните ментори, ја вбројува и нашата земја. Целта е да ги инспирира учесниците да истражуваат во STEM областите, како што се науката, технологијата и инженерството, да решаваат реални проблеми и да создадат подобра иднина за себе и за другите. За време на подготовките, учесниците се стекнуваат со вештини и способности неопходни за животот на 21 век, вклучувајќи ја креативноста, љубопитноста, критичкото и претприемничкото размислување, тимскиот дух, емпатија, самодоверба, комуникација и почит.
Тимовите работат на подготовките во текот на целата година за да го покажат своето знаење на националниот натпревар кој се оддржува еднаш во годината.