Саемот за мобилни телефони во Барселона, попознат како MWC, започнува на 26 февруари. И оваа година речиси сите најголеми светски технолошки компании ќе ги покажат своите најнови и најдобри мобилни технологии. Еве што можеме да очекуваме.
Се приближува годинашниот Mobile World Congress, скратено MWC 2024, а Барселона повторно ќе биде епицентар на најновите иновации во светот на мобилните уреди. На претстојниот саем во Шпанија, ќе бидат присутни брендови како Honor, Motorola, Xiaomi и многу други. Вистина е дека иако Apple, Samsung и Google претпочитаат да ги одржуваат најавите за мобилните уреди во нивните сопствени „куќи“, односно на конференциите во нивна организација, MWC сè уште претставува место за секој кој се уште е значаен индустријата на мобилни телефони.
Honor Magic6 Pro пристигнува на европскиот пазар
Honor обично „игра на големо“ на MWC саемот, а се чини дека тоа ќе биде повторно случај во 2024 година. Компанијата потврди дека во Барселона ќе го претстави Honor Magic6 Pro телефонот наменет за европскиот пазар, иако компанијата претходно веќе дебитираше со овој уред минатиот месец, но во Кина. Уредот ќе има 6,8-инчен FHD+ заоблен OLED LTPO дисплеј со резолуција од 2800×1280 пиксели и брзина на освежување од 120 Hz, а осветленоста достигнува до 5000 нита. Опремен е со тројна камера каде главната леќа од 50 MP е ultra-dynamic.
Бившата „филијала“ на Huawei потври и дека Porsche Design верзијата на најновиот преклопен телефон Honor Magic V2, исто така, ќе биде прикажана на MWC 2024 година. Покрај тоа, Honor најави соработка со францускиот издавач на видео игри Gameloft, што ќе резултира со специјална верзија на играта Asphalt 9: Legends, специјално направена за флексибилните уреди, конкретно во овој случај за моделот Honor Magic V2.
Xiaomi 14 серијата ќе дебитира во Европа
Xiaomi, меѓу другото, би требало да ги претстави Xiaomi 14 и најмоќниуот 14 Ultra со титаниумска рамка, за да биде во чекор со Samsung и Apple кои се префрлија на овој материјал за нивните премиум модели. Откриена е цената за Xiaomi 14 смартфоните за Грција, што би можело да покаже колку ќе чинат новите Xiaomi телефони во цела Европа – 1099 евра за моделот со 12GB RAM и 512GB простор за складирање податоци. Новиот флегшип на кинеската компанија Xiaomi 14 Ultra официјално уште вчера го започна својот поход на пазарот од Кина, а лансирањето во Европа ќе се случи на медиумски настан на 25 февруари во Барселона.
Tecno со футуристички гаџети
По своето деби минатата година, компанијата Tecno повторно доаѓа на MWC. Компанијата веќе најави дека ќе пристигна со футуристички робот-куче и првите AR очила во индустријата, заедно Windows гејминг рачен уред. Tecno ќе претстави и иновативни концепти за материјали, мобилни телефони и AIoT уреди. Се очекува и паметниот телефон Pova.
Се очекуваат изненадувања од Motorola
Минатата година, Motorola покажа навистина интересен концепт на телефон чиј екран „сe одмотува“ и се претвора во класичен дисплеј. Компанијата потоа не го спомена, ниту објави подобрена верзија, но во октомври прикажа малку поинаков флексибилен уред, смартфон што може да се носи околу раката, како нараквица. Ќе биде интересно да се види дали овој гаџет ќе биде претставен во Барселона. Се споменува и можноста за воведување „проѕирен“ лаптоп.
Со концепт би требало да се појави и OnePlus, но се очекува и да го претстави и својот нов OnePlus Watch паметен часовник. Компанијата почна да нè подготвува за претставувањето на производот со објавување на фотографија која содржи силуета на часовник и натпис „Време е да се исправи“. Се очекува уредот да се вика OnePlus Watch 2 и да работи на Wear OS, така што ќе обезбеди целосно паметно искуство.
Lenovo ќе прикаже концепт на проѕирен лаптоп
Lenovo планира да го искористи Мобилниот конгрес во Барселона за да претстави концептуален транспарентен лаптоп, а рендер од уредот објави познатиот дојавувач од социјалната мрежа X, Елан Блас. „Горниот“ дел на лаптопот е целосно проѕирен OLED дисплеј, што е технологија на дисплеј која LG и Samsung ја развиваат веќе некое време. Проѕирен е и вториот дел од лаптопот, но се чини дека главните компоненти се скриени под непроѕирната „брада“. Има и потенка рамка околу работ, веројатно за портови и антени, додека остатокот и припаѓа на тастатурата чувствителна на допир, која е вградена во панелот.
Here's another look at that transparent laptop concept Lenovo's bringing to MWC. pic.twitter.com/uH2g98q64Q
— Evan Blass (@evleaks) February 15, 2024
Концепти и развивање на 5G
Samsung доаѓа на MWC по премиерата на својата водечка Galaxy S24 серија, но во Барселона ќе претстави нови дигитални, AI и Cloud технологии. Ќе биде присутен и Google, а веројатно ќе го претстави и Google Cloud (пакет на cloud computing услуги). Не треба да се очекуваат нови уреди ни од Huawei, бидејќи компанијата за Барселона подготвува речиси се што е поврзано со 5G, па во најавата се вели дека ќе се занимаваат со „истражување на иднината на 5G мрежата“.