Новиот флегшип на кинеската компанија Xiaomi 14 Ultra официјално го започна својот поход на пазарот од Кина, пред да излезе на светската сцена на 25 февруари во Барселона.
Иако очекувавме Xiaomi 14 Ultra, новиот водечки телефон на кинеската компанија да го видиме дури на 25 февруари, кога беше закажано неговото меѓународно претставување, компанијата сепак најпрвин го објави уредот во својата матична земја. Овој телефон, барем неговата верзија за кинескиот пазар, изгледа непроменет од неговиот претходник, но сепак има подобрен дизајн и го покренува најновиот чипсет Snapdragon 8 Gen 3.
Од страна на дизајнот, смартфонот доаѓа во три бои во црна, бела и сина боја. Црната и белата варијанта имаат заден дел од имитација на кожа и тежат 224,4 грама, што е три грама помалку од Xiaomi 13 Ultra. Сината варијанта го има она што Xiaomi го нарекува Dragon Crystal на задната страна и е потешка со 229,5 грама. Покрај стандардните опции, има и опција за Titanium Special Edition која тежи 229,6 грама, а од компанијата истакнуваат дека користи титаниум од петта класа, исто како и iPhone.
Повеќе ја нема претходно нагло издигнатата рамка околу куќиштето на камерата од претходниот Ultra модел, а модулот на камерата на Xiaomi 14 Ultra на задната страна нежно се издигнува над остатокот од задниот панел.
Xiaomi 14 Ultra донесува унапредени камери во однос на претходникот
Компанијата ја задржа четирикратната формула со 50 MP на задните камери, при што го задржа најголемиот дел од хардверот. Сепак, додека главната камера сè уште користи сензор од 1-инч, овој пат тоа е најновиот Sony LYT-900 сензор со подобар дизајн и побрзо отчитување. Неговиот објектив сè уште технички користи променлива бленда од 23 mm, но е поширок на светлиот крај, каде што транзициите се помеѓу f/1,63 и f/4,0, што би требало да пушти до 136 проценти повеќе светлина отколку во случајот помеѓу f/1,9 и f/4.0 на Xiaomi 13 Ultra.
Компанијата го нарекува овој механизам „непрекинат отвор на бленда“, што сугерира дека објективот би можел да „оди“ некаде помеѓу f/1.63 и f/4.0, иако презентацијата на Xiaomi прикажува само примероци на слики специфично со овие вредности. Со помош на компанијата Leica со која е развиен камера системот за овој телефон, главната камерата на Xiaomi 14 Ultra може да прави Ultra RAW фотографии со помош на компјутерска магија, кои потоа се интегрираат во DNG со целосни податоци за сликата.
Постојат две леќи за телефото камерата, едната е „обична телефото“, а другата перископ, при што го делат истиот Sony IMX858 сензор од 1/2,5 инчи. Перископ телефото објективот има отвор на бленда од f/2,5 и нуди 5x оптички зум, додека другиот има отвор од f/1,8 со оптички зум 3,2x. Телефото камерата нуди автофокус Dual Pixel PDAF, додека главната камера има повеќенасочен PDAF.
Останати спецификации и цена
Кога станува збор за екранот, оваа година е воглавно ист како кај моделот од претходната генерација, што значи дека се работи за LTPO AMOLED тип со дијагонала од 6,73 инчи, резолуција од 1440x3200px и брзина на освежување од 120 Hz. Сепак, оваа година топ моделот од Xiaomi 14 серијата има малку посветол панел, со максимална осветленост од 3.000 нита, наспроти минатогодишните 2.600 нита.
Стаклото што го покрива екранот е наречено Shield Glass и компанијата тврди дека е десет пати поотпорно на падови. Аглите на екранот се малку закривени од сите страни, а компанијата го нарекува екран All Around Liquid.
Овој рачен уред го има најмоќниот чипсет на Qualcomm во моментот, т.е. Snapdragon 8 Gen 3 со до 16 GB RAM и до 1 TB простор за складирање податоци. Прегревањето на уредот не би требало да претставува проблем бидејќи овој модел на телефон има три пати поголема големина од комората за ладење со пареа.
Софтверот што го користи телефонот е Xiaomi HyperOS базиран на оперативниот систем Android 14. Батеријата е околу шест проценти поголема со нејзиниот капацитет од 5.300 mAh, со поддршка за жично полнење од 90 W или безжично полнење од 80 W. Батеријата дополнително има чипови G1 и P2 за заштита од пренапон.
Титаниумската верзија на уредот поддржува двонасочна сателитска комуникација, а сите опции на уредот имаат чип за подобрување на сигналот T1 кој помага при поврзување со мобилни, Wi-Fi и Bluetooth.
Xiaomi 14 Ultra во варијантата со 12/256 GB чини околу 830 евра за конверзија, верзијата со 16/512 GB чини околу 900 евра, додека моделот со најмногу меморија, односно 16 GB/1 TB во Кина е достапен за околу 1.000 евра. Специјалната титаниумска верзија е најскапа и чини околу 1.130 евра. Кога пристигна во Европа, Xiaomi 13 Ultra чинеше 1.500 евра, што веројатно ќе биде слична цена и за флегшипот од новата серија.