Google не го остави Wear OS „со празни раце“ на MWC саемот, туку напротив, благодарение на неговите подобрувања, паметните часовници ќе станат поефикасни преку различни функционалности
Технолошкиот гигант Google, покрај веќе најавените подобрувања за различни Android платформи, најави и неколку нови надградби за WearOS софтверот на паметните часовници на годинешниот MWC 2024 саем во Барселона. Основата на подобрувањата е начинот на управување со известувањата, со кои паметните часовници треба да имаат подобрени перформанси и траење на батеријата. Покрај тоа, часовниците со овој оперативен систем ќе добиваат и насоки за јавен превоз во апликацијата Google Maps, како и картички на Google Wallet.
Почнувајќи од 2018 година, паметните часовници со Wear OS генерално имаат процесор за апликации за управување со задачи со интензивна енергија и бараат копроцесорска единица со микроконтролер со ултра ниска моќност (MCU) за постојано вклучени функции како што се броење чекори и следење на отчукувањата на срцето. Ажурирањето што го добиваат сега ќе им овозможи на производителите на овие носечки уреди да ја исфрлат обработката на известувањата во MCU, што вклучува можност за читање и отфрлање на известувањата, како и испраќање брзи одговори.
Оваа можност е додадена посебно за новиот OnePlus Watch 2, претставен токму во Барселона, но Бјорн Килбурн, претседател на одделот за WearOS во Google, вели дека и другите производители ќе можат да ја користат во иднина.
„OnePlus Watch 2 е првиот уред со Wear OS кој имплементира хибриден интерфејс за премостени известувања, овозможувајќи му на корисникот да ги гледа и отфрла известувањата на MCU без буудење на процесорот за апликации (AP). Ова му овозможува на AP со високи перформанси да остане во мирување подолго, што дополнително го заштедува животниот век на батеријата“, изјави Килбурн за TheVerge.
Втората генерација на паметниот часовник OnePlus наводно ќе трае до 100 часа со едно полнење.
Сепак, WearOS e сè уште многу фрагментиран екосистем. WearOS 4 беше најавен во мај 2023 година, но OnePlus Watch 2 ќе биде првиот часовник со WearOS 4 што не е произведен од Samsung или Google – сите други паметни часовници сè уште се на WearOS 3. Дополнително, Fossil, кој главно го одржуваше WearOS во мрачните години, неодамна објави дека целосно се откажува од паметните часовници.
И покрај оваа постојана фрагментација, Google сè уште изгледа посветен на додавање мали подобрувања на WearOS како целина. Google Wallet картилките сега ќе бидат достапни од зглобот на раката, вклучувајќи карти за качување, билети за настани, членства во сала за вежбање и картички за лојалност. Исто така, ќе можете да го проверите времето на автобус, воз или траект од вашиот зглоб, како и да добивате упатства за јавен превоз.
Сите новитети од годинашниот Мобилен конгрес во Барселона (MWC 2024) можете да ги пронајдете на следниот ЛИНК