Калифорнискиот гигант веќе започна со развој на процесори произведени во 2 нанометарски процес, така што првите чипови на Apple се наѕираат на хоризонтот веќе за следната година под покровителство на фабриката на TSMC
Иако сè уште го чекаме најдобриот член од M3 серијата чипови – процесорот M3 Ultra базиран на 3 nm процес на производство на TSMC, кој допрва треба да биде објавен, ова не ја спречува компанијата да развие уште понапредни 2 нанометарски чипови. Така, идните 2 nm чипови на Apple наводно ќе бидат подготвени за производствените капацитети на TSMC во 2025 година.
Според најновите информации објавени од вработен во Apple на платформата LinkedIn, компанијата веќе започнала да развива чипови базирани на 2 nm процес на производство на TSMC, пишува WccfTech. Иако споделените информации не ги спомнуваат јасно идните планови на Apple, дел од слајдот на компанијата вели „TS5nm, TS3nm, работиме на TS2nm“, потенцијално укажувајќи на различни производствени процеси на кои компанијата работела во минатото и дава увид во идните 2nm чипови на Apple.
Како што многумина веќе знаат, компанијата од Купертино долго време соработува со фабриката за чипови TSMC, која произведуваше чипови од 5 nm и 3 nm за iPhone, Mac и други производи на Apple. Овој пат, Apple и TSMC работат на развој на чипови од 2 nm. Производството на технологија од 3 nm или 2 nm се однесува на специфична архитектура на чипови, а намалувањето на бројот на нанометри значи дека полупроводничките транзистори ќе станат помали.
Во суштина, перформансите и ефикасноста на чипот се обратно пропорционални со бројот на нанометри, што укажува на процесот на производство на кој се направени. Затоа, ова значи дека развојот на чиповите од 2 nm на Apple ќе донесе подобрени компјутерски и графички перформанси со помала потрошувачка на енергија.
Покрај чиповите од 2 nm, претходно се шпекулираше дека компанијата дури почнала да работи и на уште понапредни чипови од 1,4 nm, кои би требало да бидат достапни во 2027 година. Apple веќе започна преговори со тајванската фабрика TSMC за да резервира дел од нарачките од 1,4 nm и 1nm за себе.
На тој начин, наводно 2 nm процес на производство ќе биде дел од А19 и М4 сериите чипови што ги очекуваме следната година, освен ако нема некои огромни пресврти во досегашното работење и распоредот на објавување производи. Кога станува збор за придобивките од перформансите, упатените очекуваат подобрување од 10 до 15 проценти, со 25 до 30 проценти помала потрошувачка на енергија.
Со оглед на наведените временски рамки, iPhone 17 би можел да содржи нови чипови од 2 nm. Транзицијата на Apple кон сопствени чипови предизвика возбуда во индустријата за чипови, при што гигантот брзо воспостави висока позиција во овој технолошки сектор, па ќе видиме дали тоа ќе важи и следната година.