Научниците од Универзитетот за наука и технологија во Шангај развија 3D оптички диск, кој има иста форма и големина како DVD или Blu-ray диск, но може да складира податоци од неверојатни 1,6 петабити.
Со цел повеќето подобро да разберат, станува збор за простор од околу 200.000 GB во кој можат да се складираат 14.285 4K филмови со времетраење од 2 часа, под претпоставка дека големината на секој филм е 14 GB.
Тајната на капацитетот на новиот диск е неговиот 3D систем за складирање. Наместо да се пишуваат податоци на еден слој, се користат 100 слоеви. Поединечните „точки“ на податоци се далеку помали отколку во случајот со конвенционалните Blu-ray или DVD дискови.
„Податоците се снимаат со помош на точки широки 54 нанометри, што е околу една десетина од брановата должина на видливата светлина што се користи за читање и пишување податоци“, рече во својот извештај новинарот за наука Чарлс Кју Чои.
Новата техника за снимање е овозможена со употреба на ласер за впишување податоци и новоразвиен материјал осетлив на светлина, наречен AIE-DDPR.
Она што е уште поимпресивно е дека нов празен диск може да се произведе со користење на конвенционални техники за масовно производство на DVD во рок од 6 минути.
Со оглед на брзото опаѓање на интересот за филмови на дискови, малку е веројатно дека новата технологија ќе се најде во нашите домови и покрај очигледниот огромен потенцијал на физичкиот формат за 8K филмови. Тимот научници верува дека вистинската можност е всушност во центрите за податоци.
Користејќи оптички дискови со нано размери, центарот за податоци може да содржи огромна количина на информации во една просторија, односно количество податоци за кои моментално би бил потребен простор со големина на стадион.