Шведската финансиско-технолошка компанија Klarna, која се занимава со услуги за одложено плаќање, користи чет-бот кој работи на вештачка интелигенција за да се справи со две третини од барањата на клиентите. Оваа работа вообичаено ја вршат 700 вработени со полно работно време.
Во интервју на крајот на минатата година, извршниот директор на шведската компанија за финансиско работење Klarna, Себастијан Сиематковски изјави дека повеќе нема да вработува нови луѓе, освен во инженерскиот оддел, бидејќи повеќе ќе посвети внимание на вештачката интелигенција.
Ќе има намалување на компанијата. Во моментов не вработуваме воопшто, освен инженери, вели тој во тоа интервју и потенцира дека вештачката интелигенција е закана за многу работни места.
Klarna отпушти 700 вработени пред две години, а иако сега не се најавени нови отпуштања, се чини дека тоа е само прашање на време, со оглед на најавите за замрзнување на вработувањата и намалување на компанијата со текот на времето, како и задоволството од резултатите на AI.
Како што објавија на официјалниот блог, асистентите со вештачка интелигенција ја вршат истата работа како 700 агенти за услуги на клиентите со полно работно време. Асистентот за вештачка интелигенција на Klarna во текот на минатиот месец бил вклучен во околу 2,3 милиони разговори со корисници, а интересно е што четботот се покажал попрецизен во решавањето на задачите, а неговата употреба го намалила бројот на повторени прашања за дури 25 проценти.
Со разговор со вештачката интелигенција, корисниците го решаваат својот проблем за помалку од 2 минути, додека пред тоа просекот бил дури 11 минути. Исто така, кога станува збор за задоволството на корисниците, агентот за вештачка интелигенција функционирал исто како и луѓето. Покрај тоа, вештачката интелигенција е достапна 24 часа на ден и може да комуницира со корисниците на повеќе од 35 јазици.
Благодарение, меѓу другото, на технологијата која сега ја врши работата на луѓето, компанијата предвидува подобрување на профитот од 40 милиони долари за оваа година.
Но, не се сите толку убедени дека вештачката интелигенција на Klarna, која инаку се базира на OpenAI технологијата, е толку добра и моќна. На пример искуството на софтверскиот инженер Гергели Орош, корисник на услугите на оваа компанија, е сосема поинакво – агентот за вештачка интелигенција на Кларна не го воодушеви, туку прецизно ги рецитираше документите и брзо го префрли на вистинската служба за корисници.