Русија и Кина ја разгледуваат можноста за поставување нуклеарен реактор на Месечината во периодот од 2033 до 2035 година, што еден ден ќе овозможи изградба на населба на Месечината, изјави денеска директорот на руската вселенска агенција Роскосмос.
Јуриј Борисов, поранешен заменик-министер за одбрана, рече дека двете земји долго време работат на развојот на лунарната програма и дека Москва придонесува со својата експертиза за „нуклеарната вселенска енергија“. „Сериозно го разгледуваме проектот за испорака и инсталирање енергетски реактор на површината на Месечината заедно со кинеските колеги“, рече Борисов, пренесе Анадолија.
Во Русија моментално се активни 11 нуклеарни централи, додека во Кина се активни 55 нуклеарни реактори. Борисов објаснува дека соларните панели нема да можат да произведат доволно електрична енергија за напојување на идните населби на Месечината, додека нуклеарната енергија би можела.
Тој додава дека тоа е многу голем предизвик и треба да се направи без човечко присуство. Борисов потврди и дека Русија планира да изгради товарен вселенски брод на нуклеарен погон. Сите технички прашања поврзани со проектот се решени, но немаме решение за ладењето на нуклеарниот реактор, додаде Борисов.
Тоа би била, како што рече, киклопска структура која благодарение на нуклеарниот реактор и моќните турбини ќе пренесува големи товари од една во друга орбита, ќе собира вселенски отпад и ќе врши бројни други дејства. Минатата година, првата руска лунарна мисија по 47 години пропадна откако вселенското летало Луна-25 излета од контрола и се урна.