Пред неколку недели го испробавме Samsung Galaxy S24 Ultra, најмоќниот смартфон во S24 серијата, а сега на ред дојде и Galaxy S24 Plus, кој се разликува како според дизајнот, така и по некои од позначајните карактеристики
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Секогаш кога ќе биде претставена нова серија паметни телефони, целото внимание е насочено кон најмоќниот и најскапиот флегшип модел. Често оправдано, но во случајот на Samsung Galaxy S24 Plus имаме еден значаен пресврт што го прави овој телефон многу привлечна опција за оние кои не се подготвени да се одлучат за Ultra варијантата.
Досега Plus моделот во Galaxy S серијата имаше малку поголем екран и поголема батерија во однос на основната верзија, по повисока цена, а сега Galaxy S24 Plus прави голем чекор напред. Не само што смартфонот е опремен со брзо полнење, многу поимпресивен екран, туку е и помоќен, со интегрирани импресивни функции за вештачка интелигенција. Дополнително, цената е уште пониска од минатата година (започнува од 68.999 денари), па на овој телефон треба да му се обрне посебно внимание.
Дизајн и екран
Куќиштето на уредот изгледа речиси идентично како кај минатогодишниот модел и е со нешто помали димензии од S24 Ultra. Galaxy S24 Plus нема титаниумска рамка како Ultra моделот, а Galaxy S24 и S24 Plus се направени од алуминиум и тоа од легура која Samsung ја нарекува Armor Aluminum 2.0, која пружа дополнителна цврстина во однос на обичниот алуминиум. Рабовите не се закривени, но се во склад со актуелните трендови и уредот одлично лежи во рака. Дизајнот, квалитетот на изработка и вкупниот изглед на телефонот се на највисоко ниво, а купувачите на S серијата на Samsung можат да бидат сигурни дека така ќе остане и по неколку години користење и тоа е репутација која корејската компанија ја градеше со години.
Galaxy S24 Plus доаѓа во одлична палета на бои и се одликува со прилично „чист“ и минималистички изглед кој му дава одредена елеганција. Од долната страна е сместена фиоката за SIM картичка, USB-C порт и отворот за звучник, а на вообичаеното место се поставени копчињата за звук и вклучување. Телефонот е водоотпорен и се одликува со IP68 сертификат, што значи потопување до 1,5 метри во период од 30 минути.
Смартфонот пристигнува со AMOLED екран од 6,7-инчи, што е минимално зголемување на дијагонала во однос на минатогодишниот модел од 6,6 инчи. Димензиите на уредот останаа исти, а тоа значи дека рамката околу дисплејот е дополнително намалена. Максималната резолуција на екранот е QuadHD (3120×1440), иста како и кај Ultra моделот, па тие дополнителни пиксели, особено во споредба со основниот модел, даваат совршено искуство за користење и гледање содржини при секаков вид осветлување. Дисплејот е светол и максимално остар во сите услови, боите се прецизни, јасни и доволно „живи“, а поддржано е и прилагодливо освежување од 1 до 120Hz, што стана нов стандард кај телефоните од премиум класата. Покрај тоа, панелот доби зголемување на осветленоста, кое сега достигнува до 2600 нита. Она што голем број корисници нема да го забележат, но е многу значајно, е недостатокот на anti reflex слојот, што го поседува S24 Ultra, а кој значително го намалува отсјајот на дисплејот при директна изложеност на сонце.
Камери
Веројатно најважната карактеристика за многу корисници е камерата. Samsung не го менуваше концептот и нема некои големи скокови во однос на минатогодишниот модел, барем не кога се во прашање чистите бројки. Главната камера има резолуција од 50MP со отвор на бленда од f/1.8, dual pixel автофокус и оптичка стабилизација. Потоа, тука е 10MP телефото леќата со 3x оптички зум и широкоаголен објектив со f/2.2.
Иако концептот е задржан од ланскиот модел, унапредувањата се јасни, посебно во паралелното користење на повеќе објективи за исти кадар. Динамиката на боите е поизрамнета и поприродна на сите снимки. Дневните фотографии се одлични, прецизни, со добра репродукција на деталите, без оглед на употребата на зумот. Главната камера тука одработува најмногу, а истото е и со ноќните снимки, кои се навистина импресивни. Треба да се истакне и интуитивната апликација на камерата и посебно многу брзиот прекинувач, со кој лесно може да се креираат цели серии фотографии. Сепак, Ultra моделот, како и некои други флегшип уреди, во тешки услови ќе извлечат повеќе од кадарот. Тоа посебно се однесува на многу темните или светли кадри, па и при самото зумирање.
Што се однесува до видео записите, поддржано е снимање до 8K резолуција со 30 слики во секунда. Необично е што при снимањето видео не може да се премине на друг објектив при кадрирањето, па моравме да го запреме снимањето, да ја промениме леќата и повторно да почнеме со снимање.
Перформанси и батерија
Не интересираше и како функционира Exynos 2400 процесорот на Samsung. На хартија, во однос на брзината, лесно се справува со најмоќниот Snapdragon процесор од последната генерација, а во пракса функционира одлично, бидејќи телефонот не се загрева, што беше и главната грижа на некои корисници. Не забележавме натпросечно трошење на батеријата, а работата на сите апликации, па дури и на оние потешките, беше брза, флуидна и без никакви проблеми.
Galaxy S24 Plus моделот е всушност одличен пример кој покажува дека полека но сигурно ги достигнуваме границите на технологијата, но и потребите на корисниците. Екранот, процесорот, камерата, па дури и батеријата се толку добри што се поставува прашањето дали ќе можат да се подобрат и дали има потреба од тоа.
Треба да се истакне и супериорната батерија која има доволно капацитет за два дена користење без полнење, што ја надминува конкуренцијата, со замерка за побавното полнење од само 45 вати, исто како и кај Ultra моделот, што е под актуелните стандарди кои се однесуваат дури и на телефоните од пониска класа.
Кога сме кај батеријата, Galaxy S24 Plus доби зголемување во однос на минатогодишниот модел, па сега има батерија со капацитет од 4900mAh (за споредба, Galaxy S24 има 4000mAh), но можеби уште позначајно, има брзо полнење на 45W, иако полначот не доаѓа во пакувањето со телефонот.
Galaxy AI и One UI 6.1
Она што го прави овој смартфон на Samsung посебен и исклучително конкурентен е поддршката за вештачка интелигенција. Galaxy s24 Plus, исто како и Ultra моделот, има на располагање бројни напредни AI функции. Во однос на корисничкото искуство, Samsung е ненадминат, па Android 14 со One UI во верзијата 6.1 ги исполни сите очекувања. Загарантирани се дури и седум години безбедносни ажурирања, што е навистина исклучително.
Функцијата за која најмногу се зборува е Google to Search. Накратко, се работи за опција која ви овозможува да дознаете детали за нешто на што ќе наидете додека го прелистувате фидот на Instagram, гуглате рецепт или едноставно ви се допаднат чевлите на некој што ќе го сретнете на улица. Само треба да ја насочите камерата кон нив, да заокружите со прстот на екранот и телефонот автоматски ќе ви наведе што е, каде можете да ги купите и по која цена. Можете да заокружите и зграда која ви се допаѓа и не сте сигурни каде се наоѓа, ниту како се вика, по што S24 Plus веднаш ќе ви ги даде сите детали за неа…
И тоа е само почеток на она што Galaxy AI може да го направи. Присутни се и опциите за симултан превод на повиците или четот, како и обработката на белешките во апликацијата Notes. Покрај тоа, извесно е дека голема примена ќе имаат и неколкуте нови опции за уредување фотографии како брзото отстранување сенки од лицето или рефлексии ако сликате нешто низ прозорец. Исто така, едноставно може да се промени позицијата на субјектот на фотографиите и тоа така воопшто да не се гледа, бидејќи AI ќе го пополни местото каде се наоѓал.
Друга интересна функција со практична вредност е можноста за креирање забавено видео во галеријата или Instant Slow-mo. Ова функционира многу лесно бидејќи само треба да го држите прстот на избраниот клип и системот веднаш ќе создаде AI рамки со вештачка интелигенција за да ја забави сликата и да обезбеди флуидно движење. Ова се случува речиси веднаш, а по кревањето на прстот, репродукцијата продолжува со нормална брзина.
Galaxy S24 Plus го комбинира познатиот дизајн и интерфејс, со пионерски унапредувања во доменот на вештачката интелигенција, кои ќе ја одредат иднината на пазарот на паметни телефони. Сето ова не доведува до заклучок дека овој смартфон поседува се што треба да има еден модерен флегшип уред и е исклучително атрактивна опција, па претставува дури и конкуренција на Galaxy S24 Ultra.
Samsung Galaxy S24 Ultra е достапен за продажба во Македонија во кобалт виолетова, килибарна жолта, оникс црна и мермерно сива бојха по препорачана малопродажна цена од 68.999 денари за моделот со 12GB RAM и 256GB простор за складирање
Samsung Galaxy S24+ |
|
Екран |
|
Димензии |
|
Чипсет |
|
Камера |
|
Меморија |
|
Батерија |
|
Полнење |
|
OS |
|
Мрежа и поврзување |
|
Безбедност |
|
Водоотпорност |
|
Оценка |
5/5 |