Јапонскиот Nikon објави дека ќе ја преземе целосната сопственост на американскиот производител на видео опрема RED, кој се издвојува по своите висококвалитетни професионални дигитални камери.
Американскиот RED, производител на некои од најценетите дигитални видео камери на пазарот во последниве години, ќе стане подружница на јапонскиот Nikon. Тоа го соопштија од јапонската компанија, со информација дека ќе станат новите 100 процентни сопственици на RED. Тоа беше договорено со основачот на RED, Џејмс Џанард и актуелниот претседател на управниот одбор, Џаред Ленд, кои досега беа косопственици на RED.com.
RED е основан во 2005 година со цел да создаде напредни дигитални филмски камери, кои со текот на времето станаа синоним за видео со висока класа и нови технологии. Покрај тоа што станаа прв избор на бројните холивудски продукции, нивната посветеност на квалитетот на снимената слика им донесе на нивните корисници Оскар и голем број други филмски и телевизиски награди.
По договорот за аквизиција, Nikon и RED објавија дека заеднички ќе продолжат да ги задоволуваат потребите на бараните клиенти и да нудат кориснички искуства кои ги надминуваат очекувањата. Спојувањето ќе овозможи искористување на предностите на двете компании – од страната на Nikon ќе има искуство во развој на производи, доверливост и знаење во технологиите за обработка на слики, оптика и кориснички интерфејс. RED ќе го донесе своето знаење во доменот на филмските камери, уникатната технологија за компресија и науката за бојата, а оваа комбинација на експертиза ќе овозможи понатамошен развој на производи кои се истакнуваат на пазарот на професионални дигитални фотоапарати.