Наместо запаливи електролити и тешко добиениет метали, научниците во Австралија изработуваат батерии користејќи првенствено магнезиум и вода. Тие неодамна постигнаа значителен напредок
На австралискиот универзитет РМИТ тим од научници работи на развој на технологија за батерии што би можела да ги замени сеприсутните литиум-јонски батерии. Наместо органскиот електролит, кој се наоѓа помеѓу анодата и катодата во постојните батерии и е екстремно запалив во случај на дефект, овој тим одлучил да користи вода. Ова решение овозможува батериите да бидат инхерентно побезбедни, но и поевтини и да имаат многу помало влијание врз животната средина. Покрај тоа, „водните батерии“ може лесно да се расклопат по нивниот животен век, а сите нивни делови може да се рециклираат.
Покрај вода, овие батерии користат достапни и релативно евтини материјали, како што се магнезиум и цинк, кои дополнително ги намалуваат токсичноста и трошоците за производство. Тимот досега создал серија на тест-решенија во мала форма, со што докажал дека е изводливо да се произведе функционална батерија со таква технологија.
Во нивната најнова работа, објавена во списанието „Напредни материјали“, тие опишуваат како спречиле формирање на „дендрити“, односно наслаги на минерални соединенија на електродите, кои се формираат при работа на таквите батерии и доведуваат до несакан ефект – тие ги поврзуваат електродите во внатрешноста на батеријата и создаваат краток спој. Ова е избегнато со премачкување на деловите на батеријата со бизмут и неговиот оксид. Сега „водните батерии“ траат подолго, приближно колку сегашната генерација на литиум-јонски батерии и се доволно стабилни за да се вградат, на пример, во фотоволтаични системи како решение за долгорочно складирање на вишокот енергија.
Онаму каде што „водната батерија“, или официјално магнезиум-јонската водна батерија, заостанува зад литиум-јонските батерии е густината на енергијата. Досега постигна максимални 75 Wh/kg, што е само 30% од густината што ја нудат комерцијалните литиум-јонски батерии. Сепак, тимот планира да се справи со ова и да го искористи напредокот во нанотехнологијата за да ги подобри материјалите за изработка на електроди.
Овие научници го гледаат магнезиумот како клучен материјал за новата генерација на батерии. Тие веруваат дека батериите базирани на овој метал ќе можат да ги заменат оловните батерии во следните три години, а литиум-јонските батерии за 5-10 години.
– Магнезиумот е полесен од алтернативните метали, вклучувајќи ги цинкот и никелот, има поголема потенцијална енергетска густина и ќе овозможи батериите да бидат со побрзо полнење и подобра способност за поддршка на големите потрошувачи на енергија – велат од тимот на РМИТ.