Galaxy Book4 Edge лаптопот на Samsung со Snapdragon X Elite чип ќе се натпреварува со M серијата лаптопи на Apple не само според спецификациите, туку и по цената
Новиот лаптоп na јужнокорејскиот гигант се вика Samsung Galaxy Book4 Edge и ќе биде првиот преносен компјутер што ќе го користи моќниот чипсет Snapdragon X Elite. Меѓународните трговци на мало очекуваат машината да испорача спецификации кои ќе се натпреваруваат со најновите MacBook лаптопи на Apple со М3 чип, вклучувајќи го и најновиот MacBook Air.
Како во поговорката „колку пари – толку музика“, тука очигледно ќе имаме квалитет за кој треба добро да се плати. Имено, лаптопот на Samsung ќе работи на Windows 11 спарен со ARM SoC архитектура, што во комбинација ја подигнува цената.
Една варијанта на Galaxy Book4 Edge наводно ќе има цена околу 1.800 евра во Европа, односно приближно 1.970 долари, што го прави поскап ривал од MacBook M серијата. Разликите во цените помеѓу европскиот и американскиот пазар воглавно се огледуваат во повисоките цени на електронската опрема во Европа, што би можела да биде една од причните Galaxy Book4 Edge да претставува скапоцен избор во сегментот на лаптопите со ARM погон, пишува WccfTech.

Овој лаптоп би требало да има 14-инчен панел, но детали за резолуцијата на екранот и стапката на освежување сè уште не се достапни. Основниот модел Galaxy Book4 Edge најверојатно ќе вклучува 512 GB простор за складирање и 16 GB RAM. Тука е важно да се напомене дека надградбата на RAM меморијата би била предизвик, бидејќи модулот е физички залепен на матичната плоча, слично како кај M3 MacBook Air, додека информациите за заменливоста на просторот за складирање засега не се познати.
Иако цената е можеби висока, Galaxy Book4 Edge може да обезбеди предност на полето на 5G поврзување во споредба со конкурентот на Apple. Qualcomm посочи дека Snapdragon X Elite поддржува 5G мрежи, но ќе зависи од производителите за да го инсталираат потребниот хардвер кој вклучува антени и промени во дизајнот.
Датумот на лансирање на Galaxy Book4 Edge сигурно нема да биде пред јуни оваа година, а дотогаш во пракса ќе ги видиме вистинските перформанси на водечкиот чипсет на Qualcomm за компјутери.
Неодамнешните резултати на платформата Geekbench 6 покажаа дека 12-јадрениот Snapdragon X Elite CPU е до 21 процент побрз од M3 чипот во перформансите со повеќе јадра, а тоа исто така сугерира дека Galaxy Book4 Edge навистина може да го победи M3 MacBook. Сепак, дури по лансирањето на компјутерот ќе утврдиме дали рекламирањето на Snapdragon X Elite е со причина или е само уште едно „туркање на приказната во празно“.

