Пазарот на преклопни телефони полека, но сигурно се менува, а Samsung би можел да ја предаде круната во овој сегмент, покажуваат новите статистички податоци
И покрај тоа што зазема водечка позиција на пазарот на преклопни телефони, јужнокорејскиот гигант Samsung би можел да го загуби местото на тронот од кинеската компанија Huawei, која се повеќе се приближува до врвот. На тој начин, круната на Samsung воспоставена со освојување на технолошкиот свет уште од 2019 година со објавата на првиот Galaxy Fold, би можела да добие нов сопственик.
Конкуренцијата во областа на флексибилните уреди е се посилна, а посебно се истакнува Huawei, судејќи според најновата анализа од првиот квартал од 2024 година, која ја спроведе аналитичката компанија Display Supply Chain Consultants (DSCC).
Новиот извештај сугерира дека Samsung е практично на работ да ја изгуби својата позиција број еден во тековниот квартал. Кога станува збор за последниот квартал од минатата година, не е чудно што Samsung беше крал на преклопните телефони, но тоа сега може да се промени, не само поради Huawei, туку и поради напредокот на Honor.
Минатата година на светскиот пазар на флексибилни смартфони беа испорачани 23 различни модели. Samsung имаше четири такви уреди на топ десет листата во последниот квартал минатата година, Honor и Oppo имаа по два телефони на листата, додека Huawei и Xiaomi исто така беа меѓу водечките.
Меѓутоа, за тековната година, аналитичарите очекуваат Huawei да го преземе водството во сегментот на преклопни уреди со својот Mate X5 и претстојните модели. Сепак, не треба да заборавиме дека тоа би можело да биде само за кратко, бидејќи Samsung планира да се врати во овој сегмент во втората половина на годината со новите Galaxy Z Fold6 и Z Flip6 модели, кои можат да го вратат на тронот, во случај воопшто да се симне од него.
Иако Samsung има исклучителни производи во оваа област, се пореална е заканата од кинескиот гигант Huawei, што би можело да стави крај на четиригодишното владеење на овој пазар. Јужнокорејската компанија може да го сфати ова како предупредувачки знак, поради што ќе биде принудена да биде иновативна на ова поле.