Компанијата Meta им предлага на европските регулатори да ја намалат цената на основната претплата за пристап без реклами до нејзините социјални мрежи. Наместо 9,99, цената за една корисничка сметка ќе изнесува 5,99 евра
Meta пред извесно време воведе можност за плаќање претплати за Facebook и Instagram, за да се усогласат со новиот европски акт за дигитални пазари. Корисниците на овие социјални мрежи од територијата на ЕУ, Европската економска област и Швајцарија од ноември имаат избор: или ќе гледаат таргетирани реклами на нив како и обично, или ќе плаќаат месечна претплата.
Сепак, ваквиот потег не ги задоволи целосно регулаторите, кои сметаат дека цената што е одредена за заштита на приватноста е превисока. Поради тоа, Meta понуди компромис – ќе продолжи да ја спроведува истата наплатна политика за пристап без реклами, а за да не настрадаат приходите поради тоа, ќе продолжи да наплаќа „минимална можна“ цена.
Според тоа, основната цена на претплата за една од споменатите социјални мрежи ќе се намали од сегашните 9,99 на 5,99 евра месечно. За секоја дополнителна корисничка сметка, поврзана со основната, ќе треба да се плаќа 4, наместо досегашните 6 евра месечно. Ова е „најниската цена што може разумно да се очекува за услуга од ваков квалитет“, рече адвокатот на Meta на сослушувањето пред Европската комисија.
Регулаторот одговорен за операциите на Meta во ЕУ, Ирската комисија за заштита на податоци (DPC), ќе одлучи дали и кога овој попуст ќе стапи на сила.