Во ѕвезден систем оддалечен само 3000 светлосни години, што е релативно блиску во космички размери, ѕвезда ќе експлодира во нова и целиот систем ќе стане видлив со голо око.
Тоа е единствена можност за набљудување на ноќното небо, со оглед на тоа што во просек на секои 80 години можеме да бидеме сведоци на ваков настан, пишува NASA.
T Corona Borealis (T CrB), во соѕвездието на Северната круна, последен пат експлодираше во 1946 година, а астрономите веруваат дека тоа ќе го повтори меѓу февруари и септември 2024 година. Некои можеби се запрашале како една ѕвезда може да експлодира повеќе пати. Имено, се зависи од видот на експлозијата.
Разликата помеѓу нова и супернова
Новата се разликува од супернова по тоа што не е експлозија на целата ѕвезда, туку само на нејзиниот надворешен слој. За време на супернова, ѕвезда е уништена, при што накратко може да свети посилно од целата галаксија.
Големината на осветленоста на ѕвездениот систем T CrB е нормално +10, што значи дека не можеме да го видиме со голо око. За време на новата, магнитудата ќе скокне на +2 (колку е помала магнитудата, толку посилно свети), односно ѕвездата ќе свети на небото како ѕвездата Северна. Овој настан ќе биде видлив со голо око неколку дена, а со двоглед повеќе од една недела, по што системот повторно ќе „потемни“ во следните 80 години.
Како да ја набљудувате експлозијата?
Ако сакате да го набљудувате овој небесен спектакл, најдобро е да се тргнете од градските светла и да најдете мирно место на среде поле. Потоа погледнете го на ноќното небо соѕвездието Северна круна – мал, полукружен лак во близина на соѕвездијата Херкулес и Волар. Тука во одреден момент ќе се појави „нова“ светла ѕвезда.
Оваа повторлива нова е само една од петте во нашата галаксија. Се јавува затоа што е бинарен систем. Имено, T CrB се состои од две ѕвезди, бело џуџе и црвен џин. Кога црвениот џин станува нестабилен поради зголемување на температурата и притисокот и почнува да ги исфрла своите надворешни слоеви, белото џуџе е доволно блиску за да ја собере оваа материја на својата површина.
Густата атмосфера на белото џуџе на крајот се загрева толку многу што се случува брза термонуклеарна реакција – произведувајќи ја новата што ја гледаме од Земјата.
Зона на смртта и космички зраци убијци
„Овие нови во основа се водородни бомби“, изјави за New York Times астрофизичарот Бредли од Државниот универзитет во Луизијана во САД.
Но, нема причина за грижа. Новата е многу послаба експлозија од супернова, а оваа ќе се случи премногу далеку за ослободената енергија да му наштети на животот на Земјата.
А суперновата? И таа мора да биде многу блиску до нас за да биде опасна. Експертите неодамна ја пресметаа „зоната на смртта“, односно растојанието на кое таквата експлозија може да го уништи животот на другите вселенски тела. Тие процениле дека супернова може да има смртоносен ефект во рок од 25 до 50 светлосни години.
„Суперновите (SNe) се извори на екстремни ултравиолетови, Х-зраци и гама зраци. Тие создаваат космички зраци, односно високоенергетски атомски јадра“, наведуваат научниците во студијата. Овие космички зраци, тврдат астрофизичарите, можат да ја уништат озонската обвивка и да предизвикаат долгорочно оштетување на формите на живот во биосферата на Земјата.