Компанијата за мозочни чипови на Eлон Маск, Neuralink го прикажа својот прв пациент како го движи курсорот на компјутерот користејќи имплантиран уред.
Во деветминутниот пренос во живо на социјалната мрежа Х, Ноланд Арбо користи курсор за да игра шах на интернет. Арбо беше парализиран под рамената по нуркачка несреќа и во јануари му беше вграден чип.
Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутерите за да им помогне да се справат со сложените невролошки состојби.
Арбо, исто така, рече дека користел мозочен имплант за да ја игра видео играта „Civilization VI“. Neuralink му даде можност да го направи тоа повторно и тој непрекинато играше 8 часа.
Сепак, Арбо рече дека новата технологија не е совршена и дека наишле на некои проблеми.
Уредот на Neuralink, кој е со големина на паричка од фунта, е вметнат во черепот, со микроскопски жици кои можат да ја читаат активноста на невроните и да испратат безжичен сигнал до приемната единица.
— Neuralink (@neuralink) March 20, 2024
Компанијата, исто така, спроведе тестови на свињи и тврдеше дека мајмуните може да играат основна верзија на видео игрицата „Pong“. Neuralink доби дозвола да го тестира чипот на луѓе од Администрацијата за храна и лекови (ФДА) во мај 2023 година.
Neuralink е една од сè поголемиот број компании и универзитетски оддели кои се обидуваат да ја подобрат и на крајот да ја комерцијализираат оваа технологија.
На пример, École Polytechnique Fédérale во Лозана, Швајцарија успешно му овозможи на Герт-Јан Оскам, кој е парализиран, да оди само размислувајќи за движењата кои се вклучени.
Ова беше постигнато со поставување електронски импланти на мозокот и ‘рбетот на г-дин Оскам, кои безжично ги пренесуваат мислите до неговите нозе и стапала. Деталите за ова откритие беа објавени во рецензираното списание Nature минатата година.
Човечкиот мозок е дом на околу 86 милијарди неврони, нервни клетки поврзани едни со други преку синапсите.
Секој пат кога сакаме да се движиме, чувствуваме или размислуваме, се генерира мал електричен импулс и неверојатно брзо се испраќа од еден на друг неврон.
Научниците развија уреди кои можат да детектираат некои од тие сигнали, или користејќи неинвазивна капа поставена на главата или жици вградени во самиот мозок.