Соединетите Американски Држави поднесоа историска тужба против Apple, во која технолошкиот гигант е обвинет за монополизација на пазарот на паметни телефони и уништување на конкуренцијата.
Во тужбата на министерството за правосудство на САД се тврди дека компанијата ја користела својата голема моќ од контролата над iPhone за да ги ограничи конкурентите, како и опциите достапни на потрошувачите. Министерството го обвинува Apple за „задушување на растот на нови апликации и намалување на привлечноста на конкурентските производи“. Apple соопшти дека енергично ќе се бори против тужбата и ги негира обвинувањата.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Њу Џерси се наведува дека Apple користел „низа флуидни правила“ во обид да „спречи иновации“ и да ги „задуши конкурентите“.
Јавниот обвинител Мерик Гарланд кажа дека „компанијата ги поткопува туѓите апликации, производи и услуги кои корисниците би ги направиле помалку зависни од ајфонот, и би ги намалиле трошоците за потрошувачите и програмерите“.
Гарланд додаде дека ако Епл не биде зауздан, ќе продолжи „да го јакне својот монопол на пазарот на паметни телефони“.
Портпаролот на Apple, Фред Саинц кажа за американските медиуми дека тужбата е „погрешна и фактографски и законски“ и дека Епл „енергично ќе се брани против неа“.
„Тужбата го загрозува она што сме и принципите кои ги издвојуваат производите на Apple на жестоко конкурентните пазари“, кажа Саинц. „Ако оваа тужба успее, тоа би ја спречило нашата можност за создавање на технологија каква што луѓето очекуваат од Apple“.
Ова е трета тужба на американското министерство за правосудство против Apple од 2009 година. Ова е воедно прва голема антимонополска акција против Епл во мандатот на претседателот Џо Бајден.