Шеесет и две годишен маж со краен стадиум на бубрежна болест стана првиот човек кој добил нов бубрег од генетски модифицирана свиња, објавија денеска лекарите од Општата болница во Масачусетс во Бостон.
Четиричасовната операција на трансплантација, извршена на 16 март, „означува голема пресвртница во потрагата за обезбедување полесно достапни органи за пациентите“, се вели во соопштението на болницата, пренесе Ројтерс.
Бубрегот беше обезбеден од eGenesis од Кембриџ, Масачусетс.
Докторот Тацуо Каваи, кој ја извршил операцијата, наведува дека органот е со точно иста големина како и човечкиот бубрег.
Кога бубрегот бил сместен во телото на пациентот, веднаш добил црвеникава боја и почнал да произведува урина.
„Тоа беше навистина најубавиот бубрег што сум го видел“, изјави Каваи на прес-конференцијата.
Од болницата соопштија дека пациентот добро се опоравува и наскоро треба да биде пуштен.