На 23 март 2024 во рамките на фестивалот CPH:DOX во Копенхаген, Данска се одржа светската премиера на филмот “Eфтеркланг: Македониум бенд” во режија на Андреас Јонсен, а прикажан во специјалната програма “Sound & Vision”.
Концертната сала 2 на градиозниот објект DB Koncerthuset во срцето на Данска, беше претесна за повеќе од 1000-та присутна публика на двете распродадени проекции, каде по истите следеа и двата настапи на музичкиот состав чиј наслов го носи и самиот филм. “Eфтеркланг: Македониум бенд” е прв филм во продукција на МКЦ Скопје, задно со Rumraket и Rosfort од Данска, како македонско – данска ко-продукција.
Ефтеркланг: Македониум бенд е всушност мета музички бенд, составен од данскиот ансамбл Ефтеркланг, кои во нивната непрекината 20 годишна кариера, експерименталната музичка инспирација ја црпат од сите страни на светот. Од македонска страна, во составот се вбројуваат музичарите Дина Јашари, Ива Дамјановски, Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Мартина Баракоска, Јане Трајковски и Женскиот младински хор при МКЦ, секој како посебен, уникатен дел во прекрасниот музички калеидоскоп од 22 изведувачи на бина.
Оваа плејада на неверојатни уметници, на двата последователни концерти, изнудија овации од присутната публика која по вториот концерт и побараниот бис, се крена на нозе и развиори македонско оро кое продолжи и вон концертната просторија.
“Оваа неверојатна ноќ, исполнета со невидени емоции која сите не донесе до солзи, делумно од тага, но и од неверојатна среќа и радост не потсети дека сите, на уметничко ниво, не врзуваат исти емоции. Убавата музика создадена од вистински поврзани уметнички души не ежи сите на ист начин секаде во светот, не тера да веруваме во поубаво утре и да создаваме подобар свет. Самите песни кои беа изведени се универзални пораки за неверојатната моќ на љубовта, на заедништвото, на храброста да се биде жив како и на потребата за убавина. Никогаш нема да го заборавиме, она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзалната љубов. Особено ми е драго што овој филм, е прв вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје, што не прави сите особено горди“ – вели Владица Младеновски, музичкиот уредник во МКЦ и воедно еден од главните ликови во филмот.
Музичките настапи на 22 члениот музички состав на “Eфтеркланг: Македониум бенд” беа доказ дека Македонија е земја на вечна музичка инспирација, која се преведува на најубавиот можен јазик на светот, јазикот на срца кои бијат во ист такт.
За сега, филмот “Eфтеркланг: Македониум бенд” има закажни 18 проекции низ територијата на Данска, како и своја премиера на фестивалот “Milenium Docs Gravity” во Варшава, додека во Македонија, својата домашна премиера ќе ја има на отворањето на 23.издание на фестивалот на европски филм СИНЕДЕЈС во Скопје, на 11 јули 2024 година во МКЦ, со концерт на целокупниот ансамбл.
Филмот беше снимен во април 2023 година, каде дел од активностите врзани со неговата реализација беа финансирани од страна на Министерството за култура.