Словачкиот AirCar, изграден со мотор на BMW кој работи на конвенционално гориво, сега ќе се произведува во Кина.
Кинеска компанија ја купи технологијата за летечки автомобил, првично развиена и успешно тестирана во Европа. Во 2021 година, AirCar со мотор на BMW и погон на конвенционално гориво, леташе 35 минути помеѓу два словачки аеродроми, користејќи ја воздушната патека за полетување и слетување. Беа потребни нешто повеќе од две минути за да се трансформира од автомобил во авион. Сега, возилата засновани на неговиот дизајн ќе се користат во „специфичен географски регион“ на Кина.
Компанијата за технологија за летечки автомобили Hebei Jianxin, со седиште во Чангжу, ги купи ексклузивните права за производство и користење на AirCar. Компанијата изгради сопствен аеродром и школа за летови по претходна аквизиција од друг словачки производител на авиони, рече Антон Зајац, ко-основач на KleinVision, компанијата што го создаде AirCar. KleinVision одби да каже за колку ја продаде технологијата.
Откако ја предводеше револуцијата во развојот на електрични возила, Кина сега активно развива програми за летечки транспорт. Минатиот месец Autoflight изврши пробен лет на патнички дрон меѓу градовите Шенжен и Жухаи. Патувањето, кое трае три часа со автомобил, беше завршено за 20 минути.
Меѓутоа, за време на пробното возење во авионот немало патници.
Минатата година, релевантните власти издадоа сертификат за безбедност на кинеската компанија eHang за нејзиното електрично летечко такси. Британската влада претходно соопшти дека летечките такси би можеле да станат редовна функција на небото до 2028 година. Но, за разлика од патничките авиони слични на дронови, на AirCar му треба писта за полетување и слетување.
Во 2022 година, Словачката транспортна управа издаде дозвола на AirCar да лета. Сè уште постојат значителни пречки за оваа форма на сообраќај, пред се во делот на инфраструктурата, регулативата и општо прифаќањето на новата технологија.
„Овој храбар нов свет на личен транспорт изгледа одлично“, вели воздухопловниот експерт Стив Рајт.
Тој смета дека Кина има предност во однос на Западот, каде различни работи можат да го забават развојот на овој вид транспорт. Слична загриженост некогаш се однесуваше на електричните автомобили – во кои Кина стана лидер на глобалниот пазар. Продажбата на словачкиот AirCar може да го постави прашањето дали Кина е подготвена да го стори истото со летечките автомобили. Рајт рече дека иако прототипите како AirCar се „многу забавни“, реалноста најверојатно ќе биде поприземна „со линии и проверки на багаж и сето тоа“.