Долгогодишниот аналитичар на Apple и новинар на Bloomberg, Марк Гурман по објавата на датумот на одржување на годинашната WWDC конференција, наведе дека претстојниот iOS 18 ќе биде „најамбициозната ревизија на софтверот на iPhone во неговата историја“.
Apple овој вторник објави кога ќе ја одржи својата годишна конференција за програмери, која на 10 јуни ќе почне со презентација на iOS 18 и другите нови верзии на оперативните системи на компанијата.
Недолго по објавата, излезе голем извештај на Марк Гурман од Bloomberg, долгогодишен аналитичар на Apple, кој тврди дека iOS 18 ќе биде „најамбициозната ревизија на опертивниот систем на iPhone во неговата историја“. Иако ова се прилично големи тврдења, Гурман се повикува на „луѓето кои работат на оваа надградба“ на софтверот.
Како што претходно беше објавено, Apple на годинашниот WWDC многу ќе зборува за вештачката интелигенција, која би требало да има клучно место во iOS 18. Потврда за ова на мрежата X даде и високиот претседател за маркетинг на Apple, Грег Јозвијак, истакнувајќи дека конференцијата ќе биде „Absolutely Incredible“ (апсолутно неверојатна), користејќи големи почетни букви на двата збора, и така алудирајќи на AI.
За потсетување, Apple во рамките на iOS 18 ќе интегрира генеративни алатки за вештачка интелигенција во апликациите како што се Siri, Pages и Keynotes. Bloomberg пред неколку недели објави дека Apple наводно е во активни преговори со Google за лиценцирање на неговиот генеративниот модел со вештачка интелигенција Gemini, а компанијата размислува и за соработка со OpenAI.
Засега нема нови информации во врска со лиценцирањето на Gemini на Google за iOS 18, но тоа би можело да се промени во наредните недели.
Гурман претходно најави и дека претстојниот iOS 18 ќе има надграден почетен екран (Home screen) кој ќе може да се прилагодува. Според други извори запознаени со ова прашање, iOS 18 ќе им даде на корисниците на iPhone поголема контрола врз уредувањето на иконите на апликациите на почетниот екран.
Иако иконите на апликациите најверојатно ќе останат заклучени на невидливиот систем на мрежа на почетниот екран, за да се осигура дека има одредена униформност, изворите велат дека корисниците ќе можат послободно да ги распоредуваат иконите во iOS 18. На пример, се очекува дека ажурирањето ќе ја воведе ја можноста за создавање празни места, редови и колони помеѓу иконите на апликациите.