И покрај тоа што Apple понуди ниска цена за OLED екраните што ќе се најдат во претстојниот iPhone SE, понудата беше прифатена од BOE.
Уште кон крајот на февруари, корејскиот портал The Elec објави дека претстојниот iPhone SE 4 ќе користи OLED екран сличен на оној во iPhone 13 и 14 моделите. Тоа би значело дека корисниците можат да очекуваат 6,1-инчен екран со резолуција од 1.170 x 2.532, врвна осветленост од 1.200 нита и Ceramic Shield заштита од гребнатини и пукање.
Во тоа време, се говореше дека три производители се борат да се осигураат дека нивните екрани ќе се најдат на претстојниот iPhone SE. Првиот беше Samsung, кој му понуди на Apple најниска цена од 30 долари по екран, вториот беше BOE, кој побара 35 долари, а трет беше Tianma, кој ја даде најскапата понуда од 40 долари по парче.
Сега, повеќе од еден месец од таа вест, излегуваат нови информации кои наведуваат дека екраните ќе ги произведува BOE. Како што пренесува GSM Arena, Samsung се откажал од својата понуда бидејќи Apple бил подготвен да понуди само 25 долари по екран. И покрај ниската цена, технолошкиот гигант од Купертино се чини дека успеа да постигне договор со BOE.
Презентацијата на iPhone SE 4 се очекува во текот на 2025 година.