Научници во Јужна Кореја за време на експеримент со нуклеарна фузија, успеале да го соборат рекордот во одржување на температура од 100 милиони Целзиусови степени, седум пати потопло од јадрото на сонцето.
Тие велат дека тоа е важен чекор за развој на технологии кои треба да овозможат комерцијална употреба на фузијата.
Нуклеарната фузија се обидува да ја повтори реакцијата што се случува во Сонцето и другите ѕвезди, со спојување на два атома заедно за да се ослободи огромна количина на енергија. Често се нарекува свет грал на чиста енергија, и има потенцијал да обезбеди неограничена енергија, пишува CNN.
Процесот обично вклучува реактор во облик на крофна во кој водородот се загрева на екстремно високи температури за да се создаде плазма.
Плазмата со висока температура и висока густина, каде што реакциите може да се одвиваат долги временски периоди, е од витално значење за иднината на реакторите за нуклеарна фузија, рече Си-Ву Јун, директор на Истражувачкиот центар KSTAR на Корејскиот институт за фузиска енергија ( KFE).
Одржувањето на толку високи температури „не беше лесно да се докаже поради нестабилната природа на високотемпературната плазма“, изјави тој за CNN, поради што овој неодамнешен рекорд е толку значаен.
KSTAR, уредот за истражување на фузија на KFE наречен „вештачко сонце“, успеал да одржи температура на плазмата од 100 милиони степени за 48 секунди за време на тестовите помеѓу декември 2023 и февруари 2024 година, соборувајќи го претходниот рекорд од 30 секунди поставен во 2021 година.
Научниците од KFE рекоа дека успеале да го продолжат времето со дотерување на процесот, вклучително и користење на волфрам наместо јаглерод во „пренасочувачите“, кои ја извлекуваат топлината и нечистотиите создадени од реакцијата на фузија.
Крајната цел е KSTAR да може да одржува плазмена температура од 100 милиони степени за 300 секунди до 2026 година, што е „критична точка“, рече Си-Ву Јун.
Она што го прават научниците во Јужна Кореја ќе придонесе за развојот на Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор во јужна Франција, познат како ИТЕР, најголемиот таков реактор во светот кој има за цел да ја докаже изводливоста на фузија.
Работата на KSTAR „ќе биде од голема помош за да се обезбеди навремена изведба на ITER и да се унапреди комерцијализацијата на енергијата од фузија“, рече Си-Ву Јун.