Warner Bros. Discovery (WBD) одлучи да го промени името на својата стриминг услуга HBO Max во Европа. Оваа услуга ќе се вика само Max, а ќе биде проширена со содржини на Discovery+ и спортски преноси.
Трансформацијата во Max ќе започне на 21 мај, а промената прво ќе биде видлива во нордиските земји и Централна и Источна Европа. Потоа, етапно ќе се менува името и содржината и во другите европски земји. Интересно е тоа што во Белгија и Холандија старото име ќе биде задржано, иако услугата ќе добие Discovery+ и спортски содржини.
Белгија, заедно со Франција, исто така ќе биде нова територија на која услугата ќе биде достапна, а ова е прво територијално проширување на платформата во последните две години. Max наскоро ќе биде достапен во 25 европски земји и 65 земји на глобално ниво.
Објавено е дека преносите од Олимписките игри во Париз летово ќе бидат достапни на платформата и ќе бидат вклучени во сите претплати на Max во Европа. Меѓу плановите за претплата ќе биде основната претплата (која вклучува прикажување на реклами), стандардна претплата (која ќе овозможи пренос на два уреди истовремено во Full HD резолуција и до 30 преземања за офлајн гледање), додека Premium планот ќе нуди 4K резолуција со технологијата Dolby Atmos, можност за гледање содржина на четири уреди истовремено и до 10 преземања за офлајн гледање. Цените ќе варираат од земја до земја.