Samsung планира да го унапреди својот дигитален асистент Bixby со функции за вештачка интелигенција слични на оние на ChatGPT
Гласовниот асистент Bixby на Samsung се наоѓа на мобилните телефони на компанијата од 2017 година. Иако тогаш беше полн со иновации, сега е веќе застарен, така што се очекува голема надградба со погенеративна вештачка интелигенција во иднина
Гласовниот асистент на Samsung, Bixby, наводно добива генеративна вештачка интелигенција. Според информациите што ги сподели со CNBC еден од директорите на јужнокорејската компанија, Вун-џун Чои, на тоа „напорно се работи“, но во моментов нема официјална временска рамка за тоа кога всушност ќе се случи надградбата.
„Со доаѓањето на генеративната вештачка интелигенција и LLM, верувам дека треба да ја редефинираме улогата на Bixby за да може да биде опремена со генеративна вештачка интелигенција и да стане попаметна во иднина. Додавањето на оваа технологија ќе овозможи поприродни разговори и ќе развие подобар интерфејс за поддршка на производите на Samsung во нашиот екосистем“, објаснува Чои.
Покрај мобилните телефони, гласовниот асистент на Samsung Bixby е достапен и на други уреди на компанијата, вклучувајќи ги и телевизорите. На мобилните телефони за прв пат се појави со Galaxy S8 серијата во 2017 година и во тоа време донесе голем број иновации, како што е можноста за превод во живо.
Но, бидејќи Bixby се базира на едноставни кориснички команди и податоци што ги презема од интернет, неговата надградба се сметаше дека е повеќе од потребна. Доколку асистентот на Samsung навистина добие генеративни способности за вештачка интелигенција, тој би можел да послужи како еден вид џебен ChatGPT или Gemini, што значи дека ќе се користи почесто.