Како што новите технологии доаѓаат така старите излегуваат од употреба и заминуваат во историјата. Ова е особено потенцирано во телекомуникациската индустрија, каде што нови стандарди се поставуваат практично на секои неколку месеци. Многу европски и светски телеком оператори ја напуштаат старата 3G технологија и отвораат простор за доминација на новите технологии. Македонски Телеком е првиот оператор кој ќе ја деактивира 3G, како што најавуваат до крајот на април, годинава. Најавата за поново, побрзо и подобро претставува примамлива визија за иднината, но и понатаму се поставува прашањето: Што ќе значи ова за обичниот корисник? На оваа тема разговаравме со Дејан Влаховиќ, Лидер за оптика и мрежи од следната генерација во Македонски Телеком.
За почеток, прво да објасниме… што значи поимот „деактивирање на 3G технологијата“?
Во последните 30 години бевме сведоци на развојот на телекомуникациската индустрија и појавата на 4 генерации мобилни технологии. Денес сме сведоци на крајот на ерата на третата генерација (3G). Со деактивирање на 3G технологијата, корисниците повеќе нема да може да ја користат оваа технологија за податочни и говорни сервиси. Би сакал да напоменам дека во мрежата остануваат 4G и 5G технологиите преку кои во моментот, но и во иднина ќе се обезбедува супериорно корисничко искуство како во делот на податочни услуги (мобилен интернет) така и во делот на говорни услуги преку VoLTE сервисот. Секако за постарата генерација на телефони кои се 2G/3G тука е и 2G технологијата преку која и понатаму ќе можат да се обезбедуваат основните услуги како што е пренос на говор и текстуални пораки-СМС.
Која е причината? Зошто се донесе оваа одлука и какво влијание ќе има овој чекор?
Со гасењето на 3G технологијата и пренамената на фреквентниот спектар за понапредни 4G/5G технологии, Македонски Телеком е во тек со светските индустриски трендови и одново ја потврдува технолошката лидерска позиционираност, со фокус на побрзи и понапредни мобилни технологии и услуги.
Истовремено, замената на старите технологии освен технолошки носи и еколошки поволности. Во споредба со 3G, 4G е за пет пати, а 5G за дури 15 пати енергетски поефикасна. Ова значи намалување на јаглеродниот отпечаток, што е дел од ESG агендата на Македонски Телеком.
Можете ли да ни дадете повеќе детали околу тоа како и кога ќе се одвива процесот?
Подготвителните активности за гасење на 3G технологијата се започнати уште во 2021 година. Активностите ќе се одвиваат постепено, по региони, за да се обезбеди транзиција без нарушување на корисничкото искуство. До крајот на април 2024 година, 3G ќе биде целосно надвор од употреба во мрежата на Македонски Телеком.
Што ќе се случи со корисниците кои имаат постари уреди? Дали ќе биде потребно да го менуваат нивниот мобилен телефон?
Корисниците кои имаат 2G/3G уреди и немаат можност за користење на 4G/5G технологиите, можат и понатаму да продолжат да ги користат своите услуги преку 2G технологијата која овозможува користење говорни услуги и текстуални пораки – SMS, како и податочни услуги согласно можностите на технологијата. Корисниците кои сакаат супериорно искуство на податочните услуги (мобилен интернет) потребно е да го заменат својот уред со нов уред којшто ги поддржува 4G/5G технологиите. За корисниците кои веќе поседуваат уреди кои ја поддржуваат 5G технологијата би препорачал да ја активираат 5G услугата за да ги почувствуваат придобивките и новите можности како во делот на брзини така и во делот на латенција.
Каков ќе биде глобалниот ефект од оваа промена? Што ќе се промени во начинот на кој ги користиме мобилните телефони и вмрежените уреди?
Глобалниот ефект од оваа промена има два аспекта. Еколошки, во областа на заштита и зачувување на животната средина преку намалени CO2 емисии. Од друга страна, технолошки преку обезбедување услуги со поголеми брзини и помала латенција што ќе отвори и можност за воведување вештачка интелегенција (AI), развој и користење напредни апликации и услуги во реално време (виртуелна и проширена реалност) како и решенија за паметен град, кои денес се повеќе од неопходни.
Што да очекуваме во наредниот период од новите технологии?
Брзиот општествен развој проследен од секојдневни промени и новини претставува движечка сила за постојан развој на телекомуникацискиот сегмент. Поради ова во блиска иднина ќе можат да се очекуваат нови генерации на мобилни уреди и М2М со кои максимално ќе се искористи потенцијалот на мобилните мрежи како во поглед на брзини така и во поглед на латенција. Тука несомнено е големиот потенцијал кој 5G технологија го носи во делот на бизнис решенијата кои ќе стануваат секојдневие. На крај не смееме да ја заборавиме и 6G технологијата која е во фаза на тестирање и се очекува да најде примена по 2030 година.