Компанијата Samsung ја врати водечката позиција во глобалната продажба на паметни телефони само пет месеци откако му ја отстапи на Apple.
За потсетување, Apple го зазеде глобалното прво место во продажбата на паметни телефони во септември 2023 година, а последователната анализа на целата година ја потврди неговата позиција. Сепак, според Korea Times, Samsung сега се вратил на тронот. Врз основа на податоците за февруари 2024 година, публикацијата известува дека Samsung постигнал удел од 20% од глобалниот пазар.
Во истиот месец, Apple имал 18%, односно продал 17,41 милион iPhone телефони, додека Samsung продал 19,69 милиони смартфони.
Но, според Apple Insider, ниту Samsung, ниту Apple всушност не можат да се пофалат дека се број еден, барем не предолго, имајќи предвид дека често ги менуваат позициите. Овие промени најмногу се поврзани со лансирањето на нови уреди, кои, логично, поттикнуваат скокови во продажбата.
Така, првото место на Apple во септември 2023 година се должи на лансирањето на серијата iPhone 15, а Samsung победи во февруари поради лансирањето на најновата серија Galaxy S24. Korea Times објави дека Samsung досега има продадено 6,53 милиони телефони Galaxy S24 на глобално ниво.
Преземањето на првата позиција од страна на Apple во текот на 2023 година, секако, може да биде позначаен податок. Имено, во текот на целата година Samsung најчесто има предност во однос на Apple, бидејќи продава многу повеќе различни модели на смартфони во различни ценовни рангови.
Нo, генерално продажбата на паметни телефони е во пад низ целиот свет, особено во Кина. Apple сè уште беше на врвот на листите во Јапонија според најновите податоци од март 2024 година, но и тој пазар се намали.