Она што малку луѓе го знаат е дека Саемот на книга во Скопје не е само за оние што веќе се вљубени во книгите. Тоа е место каде може да открие зошто читањето може да биде забавно и интересно, дури и ако мислиме дека баш и не ни се допаѓа читањето книги до толку.
А всушност посетата на Саемот може да биде баш забавно попладне или претпладне, забава за умот. Има толку многу различни видови книги, од авантуристички приказни до комични стрипови, што сигурно не постои човек што нема да најде нешто што ќе го насмее, ќе го заинтригира или ќе го натера да размислува.
„Саемот на книгата за нас е празник, место каде што ќе го покажеме нашето творештво и нашата креативна работа. Место каде се промовира културата на читање со присуство на родители и деца, што значи дека родителите и децата можат заедно да прелистуваат и избираат книги, знаејќи дека книгите се основа за развојот на секоја личност. Саемот на книгата е одличен начин и фантастична можност да се поттикне креативноста преку промоции, средби, работилници со деца. ЕДУКА МАК како единствена специјализирана издавачка куќа за издавање литература исклучиво и само за децата, оваа година како и сите години на назад ќе се претстави на овогодишниот САЕМ на КНИГАТА/2024 со голем број наслови – изданија наменети за деца. Нашата издавачка програма од година во година е побогата и поразновидна и оваа година ќе понудиме импресивна бројка на нови наслови. Истовремено ќе имаме многу промоции и работилници со деца. Очекуваме голема посетеност, очекуваме нашиот штанд да биде место за празнување заедно со авторите, промоторите, илустраторите оние кои создаваат и оние за кои создаваме и издаваме – децата”, изјавија од ЕДУКА МАК.
Воопшто не треба да се читаат дебели книги за да се ужива на овој настан. Може и само да се разгледува, да се слушаат интересни приказни од авторите или да се учествува во забавни активности кои ги има во изобилство на секој Саем на книгата. Можеби и ќе се пронајде книга која е толку возбудлива што ќе стане омилено четиво токму благодарејќи на ова скопско случување.
Малкумина знаат дека токму Саемот бил првиот вистински контакт со книгите за многу луѓе, тука откриле дека книгите се забавни. Откриле дека може да најдат своја омилена приказна која ги однела во авантури без да патуваат или да направат било што подалеку од удобната фотелја.