TikTok подготвува апликација за споделување фотографии која ќе му конкурира на Instagram.
Наскоро се очекува апликација на TikTok да му стане сериозна конкуренција на Instagram. Апликацијата би можела да биде наречена TikTok Notes, според скриншотовите споделени од корисниците, а и самиот TikTok потврди дека работи на развој на апликацијата, пишува TechCrunch.
Во изминативе неколку дена, на корисниците им „излегоа“ известувања за нова апликација за споделување фотографии. Велат дека компанијата наскоро ќе лансира нова апликација за објавување на фото-содржини – Notes и дека таму ќе може да се споделуваат постоечки фотографии, доколку тоа го сакаат корисниците.
TikTok потврди дека работат на апликацијата, но дека сè уште не е достапна.
„Како дел од нашата желба да го иновираме искуството на TikTok, истражуваме начини да ја поттикнеме нашата заедница да ја создава и споделува својата креативност преку фотографии и текст – во простор посветен на такви формати“, изјави за медиумите портпаролот на TikTok.
TikTok и Meta жестоко се натпреваруваат за просторот на социјалните медиуми. Додека кинеската апликацијата во сопственост на ByteDance се подготвува да лансира апликација за споделување фотографии, Мета лансираше видео плеер прилагоден за мобилни телефони за Facebook.
TikTok исто така експериментира со различни формати, како што се 30-минутни видеа, па дури и текстуални објави, како оние на X платформата и (Instagram) Threads.