Американскиот технолошки гигант ќе инвестира 2,9 милијарди долари во следните две години во развој на cloud инфраструктура и вештачка интелигенција (AI) во Јапонија, изјави претседателот на Microsoft, Бред Смит.
Во интервју за јапонската агенција Nikkei тој изјави и дека американската компанија има намера да отвори истражувачка лабораторија во Токио, како и да научи три милиони Јапонци да користат алатки за вештачка интелигенција во следните три години.
За Microsoft ова ќе биде најголемата инвестиција во јапонската економија од почетокот на бизнисот во таа земја.
„Конкурентноста на секој дел од јапонската економија ќе зависи од усвојувањето на вештачката интелигенција“, рече Смит, додавајќи дека вештачката интелигенција е од суштинско значење за „да се одржи растот на продуктивноста, дури и кога земјата се соочува со опаѓање на населението“.
Компанијата за развој на вештачка интелигенција Open AI наскоро ќе ја отвори својата трета канцеларија во странство во Токио, се вели во неодамнешниот извештај на Bloomberg.
Според Bloomberg, Open AI сака да ги прошири своите услуги на јапонски јазик за да биде во чекор со локалните технолошки корпорации како Softbank и NTT.
Покрај тоа, компанијата има намера да соработува со јапонската влада за развој на регулаторни стандарди за областа на вештачката интелигенција.