Познатиот футурист Реј Курцвеил, поранешен инженер на Google, предвидува дека бесмртноста ќе стане возможна до 2030 година благодарение на употребата на нанороботи
Курцвеил, кој е познат по своите точни предвидувања за иднината, тврди дека нанoроботите, минијатурните роботи, ќе можат да ги поправаат оштетените клетки и ткива, овозможувајќи им на луѓето да живеат вечно, пренесе Unilad.
Во својата книга од 2005 година „Сингуларноста е близу“, Курцвеил детално објаснува како комбинацијата на генетика, нанотехнологија и роботика може да доведе до значителен напредок во медицинската наука, вклучувајќи ја и можноста за запирање на стареењето.
Оваа технологија, како што наведува, би можела да се реализира до 2030 година.
Курцвеил е познат и по концептот „Сингуларност“, моментот кога машините би можеле да достигнат и да ја надминат човечката интелигенција. Според него, се очекува дека вештачката интелигенција ќе го достигне нивото на човечка интелигенција до 2029 година, додека до 2045 година би можело да дојде до спојување на човечката и машинската интелигенција, што би резултирало со експоненцијално зголемување на нашата ефективна интелигенција.
Во текот на кариерата, Курцвеил точно предвидел многу работи, што му донело голема репутација во технолошката заедница. Меѓу неговите претходни предвидувања е и она од 1990 година, кое најавуваше дека најдобриот светски шахист ќе загуби од компјутерот, што се оствари во 1997 година кога Гари Каспаров беше поразен од компјутерот Дип Блу.
Додека многумина со интерес ги следат идеите на Курцвеил, прашањата за етичките и социјалните импликации на таквите технологии стануваат сè поприсутни. Дебатата не е само за техничките можности, туку и за тоа како таквиот технолошки напредок би можел да влијае на целото општество.
Во контекст на брзиот развој на вештачката интелигенција, неколку технолошки лидери, меѓу кои и Илон Маск, неодамна повикаа на пауза во развојот на лабораториите за вештачка интелигенција, предупредувајќи на „длабоки ризици за општеството и човештвото“. Оваа дискусија доаѓа во време кога технолошките компании, како Гугл и Мајкрософт, се натпреваруваат да ги интегрираат технологиите за вештачка интелигенција во секојдневниот живот, што предизвикува загриженост за подготвеноста на човештвото за такви промени.