Заобиколувањето на напорните и наметливи реклами на YouTube до сега можеше да се прави со разни „трикови“, но видео платформата на Google е решена да стави крај на тоа.
Од YouTube оваа недела доаѓа нова одлука, чија цел е да ги блокира корисниците кои консумираат содржина од сервисот преку надворешни, неофицијални апликации. Според она што го објави на своите страници за поддршка на клиентите, YouTube ќе ги заостри своите политики за надворешни апликации што ги „кршат нивните услови за користење“, со посебен фокус на функциите за блокирање реклами.
„Содржината не е достапна“
Гледачите кои користат такви апликации може да имаат проблеми со баферот и лесно може да им се појави грешката „Следнава содржина не е достапна на оваа апликација“.
Вака од YouTube ги објаснуваат новите чекори: „Сакаме да нагласиме дека нашите услови не дозволуваат апликациите од трети страни да исклучуваат реклами, бидејќи тоа ги спречува креаторите да добиваат награди за гледаност. Рекламите на YouTube помагаат во поддршката на креаторите и им овозможуваат на милијарди луѓе околу светот да ја користат нашата видео услуга“. Значи, сè е во монетизацијата на содржината и заработката на гледачите.
Плати па гледај
Како „решение“, уште еднаш потсетуваат дека за оние кои „преферираат целосно искуство без реклами“ постои претплата на YouTube Premium. Надворешните апликации за гледање YouTube ќе бидат поддржани само кога го користат официјалниот API во согласност со важечките политики и правила за користење. „Кога ќе пронајдеме апликација што ги прекршува овие услови, ќе преземеме соодветни мерки за да ги заштитиме нашата платформа, креаторите и гледачите“, заклучи вработен на YouTube потпишан како Роб.
Најавената мерка за забрана е во согласност со претходните потези на YouTube, со кои на различни начини се обидуваат да се сузбијат решенијата за блокирање на реклами.