Според новите информации, GPU рендерирањето на PlayStation 5 Pro би требало да биде околу 45 проценти побрзо во споредба со стандардната верзија на конзолата, додека процесорот ќе остане ист, но со повисок работен такт од 3,85 GHz
Минатиот месец се појави информација дека Sony работи на PlayStation 5 Pro, кој ќе има графички процесор до три пати побрз од оној во стандардните модели на конзолата. Според информациите од интерниот документ на компанијата, до кои дојдоа Јутјуберот Moore’s Law is Dead и новинарот Том Хендерсон од Insider Gaming во средината на март, Pro верзијата на конзолата ќе биде објавена кон крајот на оваа година.
Американскиот технолошки портал The Verge сега доби нови информации поврзани со претстојната конзола на Sony, во која се наведува дека нејзиното кодно име е „Trinity“. Според наводно сигурните извори на The Verge, промените на PlayStation 5 Pro би требалода ја направат конзолата поспособна да прикажува игри со вклучен ray tracing, а одредени наслови би требало да имаат значително повисок FPS.
GPU рендерирањето треба да биде околу 45 проценти побрзо во споредба со стандардната верзија на конзолата, додека процесорот ќе остане ист, но со поголема брзина на такт од 3,85 GHz. Дополнително, пропусниот опсег на меморијата ќе изнесува 576 GB/s, додека кај стандардниот PlayStation 5 е 448 GB/s, а целиот мемориски систем треба да биде нешто поефикасен. Игрите ќе можат да користат дополнителни 1,2 GB системска меморија на Pro верзијата, или вкупно 13,7 GB.
Нагласен е и фактот дека PlayStation 5 Pro доаѓа со „прилагодена архитектура за машинско учење“ и дека технологијата PlayStation Spectral Super Resolution (PSSR) ќе користи околу 250 MB меморија. Се вели дека PlayStation 5 Pro ќе биде претставен како „high-end“ верзија на обичната конзола, а програмерите наводно веќе можат да нарачаат тест верзии на Pro моделот.
Sony очекува од програмерите сите игри кои ќе бидат објавени по август оваа година, да ги поддржуваат функциите на PlayStation 5 Pro.