Електричните автомобили стануваат сè попопуларни, а со тоа и потребата да се најде соодветен полнач за сопствениците на електрични возила, во што сега многу им помага Google Maps.
Апликацијата Google Maps за Android и Android Auto доби надградба што со помош на вештачката интелигенција, ќе нуди попрецизни насоки како да се дојде до најблискиот полнач за електрични автомобили. Се работи за функции што, според познавачите, ќе овозможат полесна навигација, како и безгрижно и лесно планирање на долги патувања.
AI-алгоритмот собира кориснички коментари што содржат точни податоци за локацијата на полначот и како да се стигне до него. Описот може да содржи и дополнителни информации околу времето на чекање итн.
Додека електромобилот е во движење, Google Maps ќе може да му предложи на возачот и други станици за полнење во близина. Google Maps ќе може да нуди и план за долги патувања, на пр. со повеќе застанувања. Станиците за полнење електрични возила ќе бидат предложувани врз основа на нивото на батеријата, брзината на полначот и достапноста – сѐ тоа во реално време.