Кинескиот модел на вештачка интелигенција ERNIE Bot на технолошкиот гигант Baidu има повеќе од 200 милиони корисници, изјави извршниот директор на компанијата Робин Ли.
Во своето воведно обраќање на конференцијата AI Create на Baidu во кинескиот град Шенжен, тој одржа говор насловен „Сите се програмери“ и презентираше нови алатки кои им помагаат на корисниците најдобро да ги искористат можностите на вештачката интелигенција, пренесува CNBC.
Ли ги претстави алатките AgentBuilder, AppBuilder и ModelBuilder кои поврзуваат и интегрираат чат-ботови со вештачка интелигенција со веб-пребарувањето на Baidu.
Покрај тоа, корисниците можат да ги користат овие алатки за да креираат апликации и покрај тоа што не знаат да кодираат.
На крајот на февруари, компанијата Baidu на својата веб-страница ги објави резултатите за четвртиот квартал од 2023-та година, од кои произлегува дека приходите во споменатиот период се зголемиле за шест отсто на годишно ниво на 34,95 милијарди кинески јуани, односно, на околу 4,55 милијарди евра. Извештајот за првиот квартал од 2024-та година ќе биде објавен на 16-ти мај.
На 16-ти март 2023-та година, Baidu го претстави својот генеративен модел на вештачка интелигенција ERNIE Bot, кој е еден вид одговор на ChatGPT на калифорниската компанија Open AI.
На веб-страницата на кинеската компанија се наведува дека ERNIE Bot може да даде точни, логични и јасни одговори кои се блиски до одговорите кои би ги дал човечко суштество.